Проектот за споменик на Светите Седмочисленици во Варна доби позитивно мислење од бугарското Министерство за култура
Специјализираниот стручен совет за ликовна уметност при Министерството за култура на Бугарија даде позитивно мислење за подигнување споменик на Светите Седмочисленици во Варна. На седница членовите на Советот ги разгледаа и ги одобрија проектот и макетата на споменикот, кој ќе биде поставен на плоштадот „Св. Кирил и Методиј“, во близина на соборниот храм „Успение на Пресвета Богородица“, јавува БГНЕС.
Пред Советот концептот го образложија неговите автори, скулпторот доц. д-р Николај Нинов и архитектот Марин Велчев. Во претставувањето учествуваа и претседателот на Варненскиот слободен универзитет „Црноризец Храбар“, доц. д-р Красимир Недјалков, архитектот Калин Велчев и претседателот на здружението „Бугарски родољуби“, Артак Казарјан.
Иницијативата за подигнување на споменикот потекнува од здружението „Бугарски родољуби“. Ја поддржуваат повеќе од 30 организации, а се реализира со благослов на варненскиот и великопреславски митрополит Јоан, кој го поддржа проектот и повика на едномислие во ова „општокорисно, духовно и свето дело“.
Варненскиот слободен универзитет „Црноризец Храбар“ е главен дарител и член на иницијативниот одбор. По повод 35-годишнината од своето основање, универзитетот ќе ги подари седумте бронзени фигури на светите браќа Кирил и Методиј и на нивните ученици Климент, Наум, Горазд, Сава и Ангелариј.
„Светите Седмочисленици се духовен патоказ за просветата, за силата на духот и за вербата дека знаењето гради народи и држави. Верувам дека овој споменик ќе остане за идните поколенија како израз на почит кон бугарската култура и како порака дека без знаење, духовност и историско паметење нема иднина“, изјави претседателот на Варненскиот слободен универзитет „Црноризец Храбар“, доц. д-р Красимир Недјалков.
Авторскиот тим е тесно поврзан со универзитетот. Автор на скулпторската композиција е доц. д-р Николај Нинов, кој предава на универзитетот. Архитектонскиот проект е дело на Марин Велчев и Калин Велчев, архитекти кои дипломирале на истиот универзитет. Типографијата ѝ е доверена на дизајнерката на фонтови Ани Димитрова, која работи како асистентка на универзитетот. Инженерскиот проект го изработи архитектот и инженер Петар Тасев.
Проектот веќе доби поддршка и од локалните институции. На 28 мај 2026 година Советот на Општина Варна го одобри подигнувањето на споменикот и го задолжи градоначалникот на реонот „Одесос“ да ги преземе потребните чекори за добивање на соодветните согласности и дозволи. По завршувањето на изградбата, споменикот ќе ѝ биде подарен на Општина Варна.
