| |

Виолинистите Мичо Димитров и Владимир Меранлиев и пијанистот Петар Ѓулгеров ќе одржат концерт во Бугарскиот културен институт во Будимпешта

Виолинистите Мичо Димитров и Владимир Меранлиев и младиот пијанист Петар Ѓулгеров ќе одржат концерт на 25 ноември во Бугарскиот културен институт во Будимпешта, соопшти Институтот на својата фејсбук-страница. пренесува БТА.

Мичо Димитров е концертмајстор на Холандското радио и на Пловдивската опера. На концертот ќе настапи и 16-годишниот виолинист Владимир Меранлиев, лауреат на повеќе меѓународни натпревари и добитник на наградата „Гран при“ на Меѓународниот натпревар за виолина „Проф. Бојан Лечев“.

На програмата се дела од Јохан Себастијан Бах, Волфганг Амадеус Моцарт, Едвард Елгар, Фриц Крајслер, Панчо Владигеров, Георги Златев-Черкин, Астор Пјацола и Јоханес Брамс.

„Колку повеќе работам, толку подлабоки тонови откривам и во мојата изведба, исто како што човек открива подлабоки тонови во својата душа кога малку ќе остари“, изјави за БТА во октомври виолинистот проф. Мичо Димитров при отворањето на својата изложба „Духовни откровенија“ во софиската галерија „Икар“.

„Своевремено почнав како сликар на цркви, катедрали и замоци. Така ме нарекуваа во првите години, бидејќи многу сакам да патувам во странство и да ги посетувам тамошните замоци и цркви. Тие неверојатни, бесмртни градби ме фасцинираа“, рече тој. Со текот на времето, проф. Димитров почнал да слика по фантазија, бидејќи сфатил дека колку и да наслика убаво некоја градба, сликата нема да биде иста како оригиналот. „И така почнав да ги сликам овие замислени градови на уметноста“, додаде тој.

Шеснаесетгодишниот виолинист Владимир Меранлиев од Бургас овој ноември ја освои главната награда на петтото издание на националниот натпревар за млади инструменталисти „Кантус фирмус“, соопштија организаторите. Меранлиев учи во класата на Људмила Иванова во Националното училиште за музичка и сценска уметност „Проф. Панчо Владигеров“ во Бургас.

Пијанистот Петар Ѓулгеров, роден во 2002 година, студира на Националната музичка академија „Проф. Панчо Владигеров“, во класата на проф. д-р Илија Чернаев. Учествувал на фестивалот „Софиски музички недели“, а како солист со оркестарот „Симфониета Враца“ дебитирал со Вториот концерт за пијано од Бетовен. Во 2024 година ја добил меѓународната награда „Џанклаудио Киаиз“ и одржал концерт во бугарската амбасада во Рим. Како член на триото „Асаи“, редовно настапува во Бугарија и во странство. Со триото учествувал и на Меѓународната летна академија ISA во Виена.

Слични Објави