Муралот на македонската трагедија
Пишува: Зоранчо Маринков
Пред неколку дена во јавноста се појави веста, дека млади уметници од Берово насликале еден ѕид крај патот Берово-Струмица со ликот на Даме Груев. За македонските медиуми, овие млади лица изјавија дека сакале да искажат почит кон историските вредности и личности и да ги вреднуват нивните дела. “Ова е само еден мал дел за почит кон нив, а ликот на нашиот херој Даме Груев го овековечивме за да сведочи како личност која е од огромно значење за Берово, Малешевијата и за целата држава, велат беровските уметници за нивното дело”.
На муралот, лево од ликот на Даме Груев, на црна позадина е нацртан печатот на организацијата “Тајни србо-македонски удружења”. До печатот се чита и натписот “Комити Запад”. Станува збор за навивачите на ФК Вардар од Скопје, кои со гордост го веат знамето со овој печат на натпреварите на нивниот клуб.
На интернет сајтот на српски јазик vidovdan.org во статија за “Друштво Србо-Македонци”, напишано е следното:
“Во наследството на Михаjло Ристиќ-Балкански влегува и Уредувањето, односно Уставот на Тајното српско-македонско друштво кое го сочинуваат 11 членови. Членот 8 од оваа организација гласи: “Тајното српско-македонско друштво има печат со грбот: двоглав бел орел, на чиишто гради се наоѓа со лав со круна. Овие комитети биле предвесници на основањето на Српската револуционерна организација, односно Четничкото движење”.



На муралот е нацртан и дел од симболот на античкиот бог на Сонцето- Хелиос, овде познат и како звездата од Вергина. Под паролата “Слобода или смрт” се напишани географските координати на Солун, Скопје и Благоевград.
Да видиме сега зошто овој мурал, ја претставува на едно трагедијата предизвикана од изучувањето на алтернативна историја. ВМОРО била организација, чија што главна борба после Илинденското востание е против четниците на српската пропаганда во Македонија, а после Првата Балканска војна против армиите на Србија и Кралство Југославија. Девизата на ВМОРО – “Свобода или смърт”, на ниту едно знаме или печат на Организацијата, никогаш не била пишувана на правопис кој тогаш (почеток на XX век) го користеле само српските четници.
Дали постои поголемо понижување за ликот и делот на Даме Груев – еден од основачите на ВМОРО, oд тоа да биде нацртан на ист мурал со симболот на оние против коишто се борел?!?
Даме Груев бил можеби првиот деец на ВМОРО, кој имал можност директно да се запознае со начините на дејствување на српската пропаганда во Македонија. Тој уште во 1888 год. кога бил ученик во Белград, заедно со Петар Поп Арсов, имале средба со Наум Еврович – агент на српската влада и аташе на српската амбасада во Цариград, кој бил еден од основоположниците на идеологијата на српскиот македонизам. Тој податок го изнесува авторот Петар Чакар во весникот “Нова Македонија” во 1966 год. во неговата статија “Влијанието на Наум Евро во животот и творештвото на Крсте Петков Мисирков”, откако го пронашол дневникот на Наум Еврович.
Следната година, Наум Еврович повторно доаѓа во Белград и остварил средби со учениците од Богословијата, гимназијата и Светосавскиот пансион во Белград. Според статијата, Еврович на децата им раскажувал за “историјата на македонскиот народ, за неговата трагедија и за настојувањата за неговата бугарска и српска асимилација, неговото однародување, во прв ред преку неговиот јазик.”
Но, Даме Груев и неговите другари не потпаднале под идеите на Наум Еврович и неговиот шеф Стојан Новакович, па во јануари 1890 год. пребеганале од Белград во Софија, при што испратиле писмо до пратениците во српскиот парламент. Во писмото јасно ги кажуваат причините за овој нивен чекор – дека се българи од Македонија, дека мнозинството од населението во Македонија е българско и дека тие не сакаат да стануваат орудија на српската пропаганда против нивната сопствена народност.
“На секој му е познато, дека таа земја е населена во мнозинство од славјани, и тоа – българи. Меѓутоа веќе некое време, српското јавно мислење толку се завзеде преку пишување да ги посрби македонците, што тоа завземање стана вистинска страст, како на сите српски новинари, така и на државниците, книжевниците, па и на некои приватни лица. Не слушајќи толку авторитети од образованиот свет, тие сакаат да го уверат целиот свет, дека во Македонија живеат чисти, тврдокорни срби”.
…”На крајот на краиштата, благодариме за големата хуманитарност на српскиот народ, што не издржуваше за ова време, но во интерес на српството и подобрите односи помеѓу српскиот и нашиот – българскиот народ, ние го молиме српскиот народ да не ја вложува и понатаму својата пот во таква цел, бидејќи сето тоа господа пратеници ќе отиде во ветар.
“Крвта не е вода”, се вели во српска народна поговорка и белким е време српскиот народ да се користи со искуството она што го стекнале неговите и нека секој Србин да знае, дека така како што секој Србин би претпочитал да ја даде неговата глава, одколку да го промени гордото име – Србин, по истиот начин секој Българин ќе ја заштити својата народност до последната минута од секој туѓ напад.”
“Адреса бивших питомаца Друштва Св. Саве, родом из Македониjе – Српскоj народноj Скупштини”, публикувано во “Грађа за Историју Македонског Народа”, Том V, Книга I, Белград, 1988 година
Да видиме сега што кажува Даме Груев за српската пропаганда во Македонија после Илинденското востание, во неговото интервју за рускиот весник “Новое Время”, кој се издавал во Санкт Петербург. Интервјуто е објавено во два дела, во броевите на весникот – 10365 од 6 (19) јануари и 10366 од 7 (20) јануари 1905 година.
“Да прејдеме на северо-исток на Македонија, кон србите; до востанието тие ја ограничуваа својата национална пропаганда до определени реони, немаше преминување на села од Патријаршијата кон Егзархијата и обратно. Немаше повод за дразнење на националните чувства, и Българите и Србите беа привикнали на постоечкото статус-кво. При тоа и националните интереси тогаш силно се маскираа од политички, со очекуваното од сите (Българи и Срби) претстојно востание.
По време на востанието србите имаа инструкции од Белград, да сочуваат благожелателен неутралитет кон востаниците. Ние бевме задоволни со тоа. После востанието ситуацијата се промени. Ефектот од востанието и призракот на блиската македонската автономија ги исплаши Србите од кралството; тие сакаа тоа да се случи што е можно подоцна и за тоа време побрзаа со српската пропаганда, на која што ѝ го рашираа реонот и тоа со доста неморални и предизвикувачки средства. Например, само на оние пострадани од востанието се даваше помош во вид на брашно, кои се согласуваа да се објават за Срби и патријаршисти. Тоа нарушување на статус-квото од Србите предизвика непријателски чувства од страна на Българите, дотолку повеќе, што после востанието националистичките интереси одново го зазедоа врвот во умовите на населението. Се појави енергично спротивставување на српската пропаганда од страна на Българите”.
Понатаму во неговото интервју Даме Груев го кажува и следното:
“Ви зборувам наполно искрено, србите дадоа поводи за создавање на таква ужасна атмосфера; българите во Македонија се држат полојално отколку грците и србите, можеби затоа што, нашите таму се мнозинство и ние чувствуваме солидна морална почва под нозете. Българската девиза “политичка слобода” – дејствува многу привлечно кај населението.
“Јас уште не сум ви кажал сѐ. Таму сега е многу, многу лошо; расположението на духовите е до висок степен напрегнато и тревожно… Сега сеуште како и нашите, така и србите се воздржуваат од крајности. Ние ги употребуваме сите напори за взаемно скротување и успокојување на умовите. Но, ако србите не ги ограничат своите вонредни амбиции, не престанат да испраќаат чети, со кои што со насилства, убиства и кодошења го пропагираат србизмот таму, тогаш ние не ќе можеме да ја спречиме катастрофата.
Вие знаете дека е возможен еден општ колеж во борбите во Македонија. Во градовите, паланките и големите села, бројот на осознаените българи е многу голем. Србите ние би можеле сосема да ги истребиме, но и ние ќе ослабнеме во тоа безумно и безцелно Вартоломеевско колење. Од тоа во секој случај нема да изгубат нашите заеднички непријатели, борбата против коишто е нашата цел. Независно од тоа, таквото животинско истребување крајно го деморализира и развратува населението. Ете зошто, јас искрено сакам да се избегне таква ненормална состојба…”