Митов: Во тек се процедурите за купување на противопожарна техника
Министерот за внатрешни работи на Бугарија, Даниел Митов, изјави дека е неопходно да се отвори поширока дискусија за тоа со какви ресурси располага државата и што е навистина потребно за поефикасно справување со шумските пожари. Според него, треба да се разгледаат прашањата за набавка на авијациска техника, инфраструктурата која ја користат институциите и начинот на подобрување на координацијата меѓу надлежните министерства.
„Шведските авиони веќе се во земјата и ќе останат во текот на целиот август. Во тек се постапки за набавка на противпожарна техника,“ истакна Митов по седницата на бугарската влада, пренесува БГНЕС.
Тој информираше дека, поради силниот ветар, било потребно евакуирање на едно село, но благодарение на координираната работа на екипите и изградбата на заштитни коридори, опасноста за населените места е отстранета. „Очекувам жителите наскоро да се вратат во своите домови,“ додаде министерот.
Митов посочи дека најкритичната состојба моментално е во регионот на Пирин, кај Струмјани, каде на терен се ангажирани екипи од противпожарната служба, војската, доброволци, како и пет хеликоптери.
Тој изрази надеж дека пожарот ќе биде ставен под целосна контрола во најкус можен рок и упати благодарност до сите пожарникари, војници, доброволци, како и до градоначалниците и областните управители за одличната соработка и пожртвуваност.

