МИЈАТА СО МАГИЧНА ИЗВЕДБА ГИ ПОЧЕСТИ СО ЈАБОЛКИ И КРУШИ УМЕТНИЧКИТЕ ДУШИ

Истакнато Култура

Волшебен кабаре спектакал одржа пејачката и кантавтор Мијата синоќа во Македонската Филхармонија. Музичкото и драмско остварување „Јаболки и круши за уметнички души“ е перформанс по теркот на мјузиклите од сцените на Бродвеј. На репертоарот беа песните од албумот „Небеска“ и понови хитови. „Волшепства“, „Постојам“ која и е посветена на Македонија, „Нема да помине“, која на „Макфест“ во 2006 година ја испеа за својот покоен татко, а вечерва со посебни емоции, потоа „Домаќинска“, песна која совршено се вклопи во овој кабаре концепт.

Секоја песна од кабаре спектаклот беше посебна приказна со своја интересна порака. Речиси за секоја песна Мијата излегуваше на сцената со различна креација. За вечерта да биде комплетна се погрижија исто така актерката Јелена Мијатовиќ со нејзините прекрасни рецитации, пантомимичарот Мето Јанакиевски, придружниот вокал Ангела Здравковска и бендот кој ја дооформи целата претстава во музички план. Режисер на оваа претстава е Војо Цветановски.

„Многу ми е драго сега откако заврши се, како да ми се симна товар од срцето, сега конечно си дојде се на место со перфекната сала, постава и акустика. Јаболки и круши за уметнички души како перформанс е поставен уште од 2009 година, тогаш пантомимичар со мене на сцена беше Војо Цветановски но тогаш работевме на принципот на матрица за песните, а имаше една гитара. Оваа година го реобновивме со многу повеќе мои авторски песни. Овој пат имам помлада крв покрај мене, Мето Јанакиевски ми е нов пантомимичар, Војо Цветановски е режисер, Зоран Костадиновски е гитара, Ајхан Куртов пијано, Кирил Туфекчиевски(контрабас), Ратко Даутовски (кахон и перкусии), Ангела Здравковска (придружен вокал), Јелена Мијатовиќ (рецитации), Тања Рибарска (инспициент) Фросе Левковска (фото). Имав голема поддршка од моите најблиски соработници, бидејќи промовирањето од таков тип на спектакл е многу тешко затоа што не можам да им доловам на публиката на што точно ќе дојдат. Идејата е премногу апстракна. Инспирацијата дојде потсвесно од мојот престој во Америка кадешто мјузиклите на Бродвеј се актуелни. Бидејќи се јавувам како кантавтор на 90 % од моите песни, јас веќе го имам спотот во мојата глава. Истото важи и за изведбата на сцена. Додека ги изведував песните на сцена имав чувство дека се враќам во времето кога сум ги пишувала, а тоа не може да се долови во снимањето на видео спотовите. Многу сум среќна, немам зборови со кои можам да го доловам моето задоволство. Им благодарам на сите што влегоа во овој проект. Дел од бендот за прв пат го видоа шоуто и ако се дел од истото. “-изјави Мијата специјално за нашиот портал веднаш по завршувањето на концертот.

Се надеваме дека Мијата нема да застане овде и ќе продолжи да и подарува на својата публика и други такви фасцинантни доживувања каков што беше овој кабаре-спектакал. Македонската уметничка сцена има потреба од тоа.

This slideshow requires JavaScript.