КОЈ ГО ОТВОРИ ПРОЗОРЕЦОТ ВО ТОАЛЕТОТ?
Дали имаме нови херои како оние кои на 27-ми ширум ги отворија вратите од народното собрание кон ЕУ и НАТО? Можам да претпоставам колкава е смрдеата во вашиот тоалет, но сепак не требаше да го отварате прозорецот низ кој се протна вашиот долгоочекуван премиер во кој вложивте толку труд и средства за да го сместите во ветената келија, (а тој пак од антички патриот за малце ќе се преобразеше во предавник со бугарски пасош, можеби сакал да наликува на некогашните војводи… е бре Кољо војвода… или сепак ја преминал границата во женска гардероба…).
По чесно ќе беше да ја направевте старата шемичка како онаа со госпоѓата од која комотно можи да учи групата на “пинк пантер” и која на својата сметка има еден куп човечки животи и фамилии, но сепак си го отслужи своето во хотелска соба далеку од Идризово…
Ви благодариме на вашите херојски дела, на вратените проневерени народни пари (или да причекаме за да ги прерачунаме и сагашните?) или, ако не искористете го и вие тој прозорец па можеби кога ќе се проветри смрдеата ќе си ги вратиме назад сите оние млади луѓе кои го оставија своето поради вас. Патем нема да ви го заборавиме и тоа што предвреме сте го извадиле на некоја странска сметка или тоа што планирате да го докубите со недопирливите и непроменливите, има една долга рака која ќе се погрижи за тоа.
Од изјавите кои ги гледаме можам да претпоставам колку многу им е криво на СЈО, на ОЈО, на МВР, па и на сите вас така наречени политичари за кои неможам да најдам соодветен збор за да ве споредам… гниди, болви, хиени, искубани џукели… се ми е посимпатично од вас, тие имаат мисија да се прехранат за живот, а вие немате наситка во хранењето на вашите болни и бескрајни суети. Не се наситивте залепени на граѓаните како пијавици само се прашувам што ќе цицате кога ќе ја доцицате и последната капка крв? Немојте да бидете толку дарежливи во овие моменти па да поевтинувате горива кои и онака се премногу евтини можеби ќе ви замерат од ОПЕК, не се расфрлајте со ослободителни пресуди за да ја докажете правната држава, само што во ЕУ не ослободуваат лица кои извршиле криминално дејствие ако не сте сфатиле… како што сте тргнале можи и ќе ги укините задршките на пензионерите кои и сами не знаат за што му се наметнати, но нека биде и тоа некоја ангажирана моќност… или можеби просечната плата ќе ја покачите за триста-четрсто денари за да можат граѓаните да си ја пуштат душата и да си дозволат по два леба наместо по еден.
Немојте толку многу да се грижите за своите граѓани затоа што потсетувате на еден лик од стрипот Алан Форд. Оние пак другите како наврнати мачиња се закануваат дека ќе се случело народ… Ало бре кој народ? Истиот тој народ што толку години го пљачкавте? Истиот тој народ што чекаше да се врати тоа што некој вети дека ќе го врати од вашите криминалци на кои уште и чаша вода да му постави пред нозе како што е по адет… Дојдовте таму каде што сте поради тие ветувања и одеднаш се просветливте па ве занесе позитивната енергија како да одевте во меѓувреме на курс по јога.
Истиот тој народ беше воздух кога се крчмеше државниот имот, па наместо рамномерна поделба си ги создадовте лигавите влечуги кои за жал ја кројат судбината на граѓаните и со истите тие пари си ја плаќаат влезницата во секоја власт. Ах тие пусти навики од отоманската империја преплетени со мудроста на УДБА и успешно пренесувани од колено на колено… И онака сите ваши договори граѓаните ви ги препознаа, видете побарајте го тој што го отвори прозорецот во тоалетот, па додека имате време сите комплет бегајте низ него за конечно да се проветри смрдеата оти како што оди времето народ ќе ви се случи на сите во пакет…
Автор : Благојче Трајковски, член на УК на Граѓанско демократска унија-ГДУ
