Поранешен заменик министер за надворешни работи на Бугарија: Не треба да паѓаме во замката на нашите соседи со клубот „Никола Вапцаров“
Одредени кругови во Северна Македонија и понатаму сакаат да ги вратат односите меѓу двете земји во фазата пред францускиот предлог и во времето на јасно изразената конфронтација. Ова за Бугарското национално радио го изјави поранешниот заменик-министер за надворешни работи и за економија на Бугарија Милен Керемедчиев.
Тој инсистира дека Бугарија внимателно треба да пристапи кон провокацијата со отворањето на клубот „Никола Вапцаров“ во Благоевград.
Според Керемедчиев, Бугарија и РС Македонија не треба да се враќаат кон стариот модел на однесување и конфронтации.
Би било погрешен потег да паднеме во замката на нашите соседи, нагласи тој.
Според него, случајот не треба да остане на билатерална основа. Сите овие сигнали Бугарија треба да ги испрати до Европската комисија, со докази.
Керемедчиев изрази став дека Бугарија треба да ја користи ЕК како арбитер, посредник во решавањето на ваквите прашања.
„Останува да видиме што ќе се случи во недела. Присуството на претседателот на ВМРО-ДПМНЕ можеби навистина ќе предизвика тензија. Очекувам протести и од некои бугарски политички партии“, коментира тој.
