| |

Во Бугарската академија на науките е отворена меѓународната конференција „Бугаристиката во современиот свет – проблеми и предизвици“

Тридневната меѓународна конференција „Бугаристиката во современиот свет – проблеми и предизвици“ беше отворена во салата „Проф. Марин Дринов“ на Бугарската академија на науките (БАН) во Софија. Форумот ќе трае до 28 ноември, јавува БТА.

На отворањето присуствуваа претседателката на Бугарија, Илијана Јотова, претседателката на БАН, дописната членка Евелина Славчева, ректорката на Софискиот универзитет „Св. Климент Охридски“, проф. Елиза Стефанова, и пратеникот и академик Николај Денков. Присуствуваа и Милена Димитрова, секретарка на претседателката за култура, образование и врски со Бугарите во странство, проф. д-р Амелија Личева, деканка на Факултетот за словенски филологии при Софискиот универзитет, како и научници и предавачи од 20 земји, бугарски политичари, јавни личности и истражувачи.

Форумот беше отворен со обраќање на претседателката Илијана Јотова, која истакна дека бугаристиката е потпора на националниот идентитет. Таа посочи дека има обиди бугарскиот јазик и историја да се користат „со псевдопатриотизам“ и за „прекројување на историјата“. На странските бугаристи им порача дека во Бугарија „се како дома“ и повика на поамбициозна стратегија за следниот програмски период.

Бугаристиката е мост кон современиот свет, рече претседателката на БАН, Евелина Славчева, во обраќањето на отворањето. Според неа, бугаристиката е многу повеќе од академска дисциплина – таа е простор во кој се негуваат духовниот континуитет, културната меморија и националниот идентитет.

Странските бугаристи се поврзани со Бугарија преку својата професионална посветеност, рече ректорката на Софискиот универзитет „Св. Климент Охридски“, проф. Елиза Стефанова. Таа истакна дека бугаристите во странство се важен дел од академската заедница и дека преку својата работа остануваат поврзани со Бугарија, каде и да работат во светот.

Главните резултати од Националната научна програма „Развој и афирмација на бугаристиката во странство“ ги претстави претседателката на Извршниот совет на конзорциумот, проф. Елка Трајкова. Според неа, од 2022 година досега се финансирани 29 научни специјализации за млади странски научници и докторанди, а на 27 истакнати бугаристи им е овозможен престој во Бугарија.

Во рамките на програмата се анкетирани 207 бугаристи од целиот свет. Изработени се и четири нови магистерски програми и национални стандарди за изучување на бугарскиот јазик како странски за нивоата од А1 до Ц2 според Заедничката европска референтна рамка за јазиците. Трајкова ја нагласи потребата од нова фаза на програмата со стабилно финансирање и од долгорочна национална стратегија.

На форумот учествуваат околу 150 истражувачи, предавачи и стручњаци од 20 земји. Научните излагања се распоредени во четири тематски области – јазикознание, наука за книжевноста, историја со етнологија, антропологија и културна размена, како и бугаристика во странство и применета бугаристика.

На конференцијата се претставуваат нови дигитални образовни ресурси, предлог-стандарди за наставата по бугарски јазик како странски или втор јазик и бугарскиот превод на дескрипторите од Заедничката европска референтна рамка за јазиците. Сесиите се одржуваат во БАН, на Софискиот универзитет и во Националната библиотека „Св. Кирил и Методиј“.

Форумот се организира во рамките на Националната научна програма „Развој и афирмација на бугаристиката во странство“, која, со одлука на бугарската влада, ја финансира Министерството за образование и наука. Програмата ја спроведува национален конзорциум, а корисник на средствата е БАН. Партнери се Софискиот универзитет „Св. Климент Охридски“, Великотрновскиот универзитет „Св. Кирил и Методиј“, Пловдивскиот универзитет „Паисиј Хилендарски“, Шуменскиот универзитет „Епископ Константин Преславски“ и Југозападниот универзитет „Неофит Рилски“.

Слични Објави