Д-р Валентин Јанев го поврзува загадувањето од рудниците во Босилеградско со почестите заболувања на населението
Загадувањето од рудниците во околината на Босилеград во Србија стигнува и до Бугарија и е поврзано со зголемената зачестеност на заболувањата, смета д-р Валентин Јанев. Тоа е еден од заклучоците што ги изнесува во својата нова книга „Ископувањето руда во Босилеградско – вектори на уништувањето“, објави Бугарската национална телевизија (БНТ).
БНТ во повеќе наврати известувала дека отпадните води од рудниците за олово и цинк во Босилеградско се испуштаат директно во локалните води и оттаму стигнуваат до Бугарија. Според телевизијата, рудникот „Караманица“ сега е затворен по повеќекратни барања од Бугари, невладини организации и државни институции. Инвестициските планови, сепак, остануваат.
„Успеавме да издејствуваме запирање на работата на рудникот ’Караманица‘, кој се наоѓа на три километри воздушна линија од границата, но другиот рудник, ’Грот‘, продолжува да работи и исто така ја загадува Бугарија. Освен тоа, има сосема сигурни и јасни докази дека се прават обиди да се обнови работата на рудникот ’Караманица‘, и тоа со десеткратно зголемување на ископувањето руда. Всушност, се обидуваме да дејствуваме превентивно, да спречиме тоа да се случи. Опасноста е реална и постои“, изјави Јанев.
„Овие рудници едноставно ја уништија средината во која сè уште живееја Бугарите во Босилеградско. Очигледно се работи за многу големи профити, а крајот сè повеќе осиромашува, сè повеќе се празни и остануваме сè помалку и помалку“, изјави Иван Николов, претседател на Културно-информативниот центар во Босилеград.
Со книгата Јанев сака да продолжи да го свртува вниманието кон проблемот во Западните покраини. Книгата ќе биде преведена и на англиски јазик за да им биде достапна на европските институции.
