СПОРЕД ГРАДОНАЧАЛНИКОТ НА КРУШЕВО, МИЗРАХИ ГИ СКВЕРНАВЕЛА ИЛИНДЕНЦИТЕ

Крушевскиот градоначалник, Томе Христоски за „Фокус“ коментираше како градот поминал од туристички, но и безбедносен аспект во изминатите две седмици.

„Можам да кажам дека супер поминавме за Илинден и останатите 10 дена во кои имаше различни активности. Се потрудивме да направиме промоција на Крушево и убеден сум дека оставивме убав впечаток кај туристите. Имаше многу спортски активности на отворено и многу новитети за фестивалот „When in Krushevo“. И покрај што имаше раздвиженост во изминатите две седмици, немаме ниту еден случај на корона вирус во градот од тој период. Поентата ни беше да се претставиме и како безбедна општина“, истакна Христоски.

Дента на прославата на Илинден на Мечкин Камен, дојде и Рашела Мизрахи од ВМРО-ДПМНЕ заедно со двете коњаници. Тој момент крена голема прашина од политички агол.

„Мизрахи ги сквернави илинденците. Таа дојде во Крушево со несвојствена униформа и на цел празник се обиде да се даде политичка позадина со користење на национализми. Од историјата знаеме дека комитите не биле сите на коњ, а оваа година видовме друга слика на коњаницата“, додаде Христоски.