Речиси сто учесници на 48-от Меѓународен летен семинар по бугарски јазик и култура во Велико Трново
Близу 100 учесници од 34 држави и три континенти – Европа, Америка и Азија – ќе се вклучат во 48-от Меѓународен летен семинар по бугарски јазик и култура што ќе се одржи на Великотрновскиот универзитет. Организаторите најавија дека семинарот ќе започне на 14 јули и ќе трае до 3 август, јавува БНР.
Во програмата се предвидени часови по практичен бугарски јазик, распределени според трите нивоа од Заедничката европска референтна рамка за јазици. Покрај тоа, ќе се реализираат и специјализирани предавања по историја и култура на Бугарија, бугарска литература, современ бугарски јазик, фолклор, современо бугарско кино, како и бугарска ликовна уметност.
Во рамките на семинарот се планирани екскурзии до Арбанаси и до етнографскиот музеј на отворено „Етар“. Специјален гостин на овогодинешното издание ќе биде познатата писателка Здравка Евтимова. Традиционално ќе се организираат вечери посветени на бугарската национална кујна, интернационалната кујна, бугарскиот фолклор и „Вечер на нациите“.
По повод 1170 години од создавањето на глаголицата, учесниците ќе имаат можност да учествуваат и во калиграфско испишување на глаголички букви.
Од Грција пристигнуваат најголем број учесници – 10. Најмладите учесници на семинарот се на 18 години и доаѓаат од Чешка и САД, а нивните родители се Бугари. Највозрасниот учесник е 74-годишниот Волтер Елиот од Англија, долгогодишен пријател на семинарот.
