| |

„Клуб Бугарија“ денес организира божиќен базар во финскиот град Еспо

Друштвото на Бугарите „Клуб Бугарија“ во Финска денес, 29 ноември, организира божиќен базар во Aalto Design Factory во финскиот град Еспо. Целта на настанот е да се создаде празнична атмосфера и да се поддржат активностите на Бугарското неделно училиште „АБВ“, основано во рамките на друштвото. Ова го соопштија од „Клуб Бугарија“ на својата страница на Фејсбук, пренесува БТА.

„Подготвивме богата програма за мали и големи. На божиќниот базар ќе се продаваат непрехранбени производи, храна и пијалаци. Ќе има божиќни креативни работилници, сценски настап на учениците од Бугарското неделно училиште „АБВ“ кои ги посетуваат часовите по предметот „Бит и култура“, како и изведби на пијано од ученици во училиштето. За децата е предвидена и музичко-театарска работилница со Галина Желјапова. По кратка подготовка на самото место, со оние што сакаат да учествуваат ќе изведеме забавна претстава според песната „Дядовите Добреви пет снахи““, наведоа организаторите.

Гостите на базарот исто така можат да донесат храна, пијалаци, детска облека, книги или играчки за продажба, доколку претходно ги известат организаторите.

Собраните средства ќе бидат наменети за воннаставните активности на учениците од Бугарското неделно училиште „АБВ“.

Како што објави БТА, Друштвото на Бугарите „Клуб Бугарија“ е наследник на Друштвото на Бугарите „Мати Болгарија“, основано во 1995 година. Во текот на целата година, друштвото ја поддржува бугарската култура преку проекции на современи бугарски филмови, тематски креативни работилници, прослави на празници и средби на заедницата.

Во 2013 година организацијата ги постави темелите на Бугарското неделно училиште „АБВ“, кое е вклучено во списокот на бугарски неделни училишта во странство што го води Министерството за образование и наука на Бугарија. Училиштето нуди настава по бугарски јазик и литература, како и по историја, географија и економија на Бугарија. На дополнителните часови по интердисциплинарниот предмет „Бит и култура“ учениците играат бугарски народни ора, подготвуваат концерти и се запознаваат со бугарските традиции, празници и обичаи.

Во училиштето настава посетуваат деца на возраст од пет до шест години во предучилишни групи, како и ученици од прво до дванаесетто одделение. Од учебната 2024/2025 година во училиштето работи и групата „Малчо“. Уверенијата што ги издава училиштето се официјално признати од бугарското Министерство за образование и наука.

Слични Објави