СПАС ОД НЕПОТИЗАМ И КЛИЕНТЕЛИЗАМ – OТВОРЕНИ ИЗБОРНИ ЛИСТИ

Се објави датумот за предвремени парламентарни избори и партиите веднаш почнаа со предизборни ветувања што се ќе направат за нас граѓаните, боејќи ни го светот кој го нудат во розово, но само едно не сакаат да кажат – КАКО ќе го направат тоа. А ако сакаат да им веруваме во ветувањата и да ги држиме за збор – треба прво тоа да го направат, да ни објаснат како планираат да ги исполнат ветувањата.

Деновиве на медиумите читаме наслови: „Непотизам и клиентелизам при вработувањето, дали системот на државата продуцира корупција?“ и објаснувања дека директорите на јавните претпријатија го злоупотребуваат дискреционото право за вработување во законот, па вработуваат роднини и по партиски списоци. Се вели дека политичарите свесно оставаат дупки во законите, за потоа да ги користат за овие вработувања – се по закон и пропис! Непотизмот и клиентелизмот ги потенцира и Антикорупциска комисија како најголем проблем во државата, а холандскиот амбасадор овие вработувања ги споредил со брод што тоне, со напомена дека корупцијата и непотизмот мора да се спречат. Многу убаво е тоа, но кој кажува како тоа да се направи?

А решението е многу едноставно и не им одговара на лажниве патриоти и реформатори, и се вика – ОТВОРЕНИ ИЗБОРНИ ЛИСТИ! Веќе објаснувавме дека со давањето на изборната моќ од рацете на лидерите на партиите во рацете на нас граѓаните, со тоа што со отворени изборни листи веќе нема да се гласа за партии туку за личности од отворените листи, избраните кандидати ќе мора да ни бидат верни на нас граѓаните и ќе мора нашата доверба пред нас и да ја оправдаат, а не пред лидерот. Затоа пратениците, а потоа и министрите и директорите на јавните претпријатија, ќе мора постојано да прават се да ги задоволат нашите барања, на граѓаните – а не на лидерите на партиите, и ќе мора да ги исполнуваат ветувањата кои на нас граѓаните ни ги дале во изборната програма.

Единствен начин да се реши овој голем проблем со непотизмот и клиентелизмот при вработувањето во јавната и државната администрација е – со промена на изборниот закон и воведување на ОТВОРЕНИ ИЗБОРНИ ЛИСТИ! Пред се затоа што тоа најмногу не боли нас граѓаните, ние сакаме реална и фер конкуренција при кандидирањето на огласите, избор на најквалитетните кандидати и квалитетна работа во институциите, без партиски и роднински протекции. Ако нешто ги брка луѓето од државата – тоа е токму оваа работа, а не платите. Со отворени изборни листи премиерот ќе мора да ни го испорача ветеното на граѓаните и затоа ќе мора да постави најквалитетни луѓе за министри и директори на јавни претпријатија, а не партиски и лични послушници, а овие ќе мора надолу да ја постават нивната хиерархијата според квалитет на луѓето за да ни ги испорачаат бараните резултати. Ова значи дека со отворените изборни листи функционерите ќе мораат да испорачуваат резултати кон нас граѓаните, а не оправдувања и извинувања, за да ја задржат функцијата и да се надеваат на реизбор, па затоа ќе мора да ги вработуваат најквалитетните кандидати за да ни испорачаат што подобри резултати. Сега со затворени изборни листи не се бара никаква нивна отчетност кон нас граѓаните туку само кон лидерот, па затоа не им е ни важен квалитетот и резултатите, и никој не не ферма нас граѓаните. Е затоа е толку историска промената со воведувањето на отворени изборни листи, за ориентираноста кон лидерот и неговите барања да се сврти за 180 степени – во ориентираност кон нас граѓаните и нашите барања!

Јасно е како ден дека токму заради овие партиски и роднински вработувања најголемите партии, од кои зависи воведувањето на отворените изборни листи, тотално ја игнорираат оваа тема, и дека воведувањето на отворени изборни листи нема да го направат за овие предвремени избори. Затоа најдоброто што ние граѓаните можеме да го направиме за овие избори не е да се разочараме и да ги бојкотираме изборите, зошто така, без изборен цензус, истите партии ќе продолжат до недоглед да ВЛАДЕАТ со нас и да ни го растуааат буџетот и државата, туку треба најмасовно можно да излеземе на изборите и да гласаме за оние партии кои нудат НАЈИТНО ВОВЕДУВАЊЕ НА ОТВОРЕНИ ИЗБОРНИ ЛИСТИ! Се е толку едноставно и ефикасно, и ако ние граѓаните на следните избори го направиме ова – така најдобро ќе ја докажеме нашата висока граѓанска и патриотска свест. Воведувањето на отворени листи е неминовност ако сакаме подобар живот, влез во ЕУ и живот по светски стандарди, но прашањето е дали сами ќе се освестиме и итно ќе го направиме тоа, или ќе чекаме како трутови некој да не натера на тоа со помош на поглавја од преговори.

Патриотизам – тоа е љубов кон државата и граѓаните, и правење се што е можно за нивно добро. Од ДПМНЕ лажно се прават големи патриоти за својата држава, а реално прават се за да ја уназадат и држат во своја контрола како би можеле да дојдат до нашиот буџет и да го доисцицаат, како крлежи, па да го напуштат телото кога ќе нема веќе крв (пари) и да бараат друга жртва. Во ДПМНЕ се само лицемери, кои под манипулативната маска на патриотизам прават се за личен интерес. Од СДСМ и ДУИ лажно се прават заштитници на своите граѓани, а всушност и тие се интересираат само за нашиот буџет, платите и привилегиите, за личниот интерес. Сите тие безмилосно вработуваат свои луѓе, од партијата и роднини, дувајќи ја администрацијата на грбот на граѓаните и така обезбедувајќи „сигурни“ гласови за изборите, иако се свесни дека тоа е лошо за сите граѓани и за државата. Па дали е тоа патриотизам – или душманлук спрема нас граѓаните и државата? Секако дека е бездушност и ѕверство, и тое треба ние граѓаните итно да го казниме на следните избори.

Вистински патриоти се оние кои, на штета на личните и роднински интереси, се борат за итно воведување на отворени изборни листи, а со тоа за ставање на државата НА ПРАВИОТ ПАТ и за нејзина ОБНОВА. А нема вистинска обнова и прав пат – без вистински систем кој што тоа реално ќе го овозможи, а тоа се ОТВОРЕНИТЕ ИЗБОРНИ ЛИСТИ. Меѓу многуте бенефити кои ги носи овој систем е и спасот од ракот на нашата држава – непотизмот и клиентелизмот. Затоа треба ние граѓаните меѓусебно да се увериме во предностите на изборниот систем со отворени листи, со дискусии и примери од меѓународната заедница да разбереме зошто тоа е така и зошто добро функционира, па со доверба и оправдана надеж да гласаме за вистинските патриоти кои, и по сопствена жртва, се решени да ги воведат отворените листи за да и помогнат на својата држава и за наш подобар живот.

Автор: Елизабета Најдоска Величкова

Слични Објави