ЛАЗИЌ: АКО НЕ САКАМЕ ДЕБЕЛИ ДЕЦА, БАРЕМ ЕДЕН ОБРОК БИ ТРЕБАЛО ДА БИДЕ ЗГОТВЕН ДОМА
Со нутриционистката Марија Лазиќ зборуваме за проблемот на дебелеењето кај децата и за тоа што треба да се прави за да се намали оваа зголемена појава во Скопје.
Неодамнешно истражување покажа дека повеќе од третина на второоделенците се дебели. Какви грешки се прават во исхраната?
– Тоа е првенствено резултат на мрсна и висококалорична исхрана надополнета со газирани сокови, вештачки шеќери… Тоа е данок на исхраната во која доминира хамбургер, хот-дог, чипс, чоколадо… односно, исхрана со заситени масти, адитиви, шеќерот… Таква храна нема никаква нутритивна туку само калориска вредност. За жал, децата се навикнати на таквата храна како резултат на разни причини. Почнувајќи од она како се хранат во семејствата, па се до тоа да се јаде она што го јадат другарите во школото… Основно е навиката. Ако таа се смени ќе се смени се, но тоа е истовремено и најтешко. Да не заборавиме дека дебелината на мала возраст подоцна може да создава здравствени проблеми, да предизвика заболувања на разни органи, да предизвика дијабетес, висок крвен притисок, замастен црн дроб…
Како да се создадат навиките?
– Навиките за здрава храна децата треба да ги добијат од родителите, таму е почетокот. Родителите треба да ги навикнуваат децата на традиционален ручек на кој ќе се јаде домашно зготвена храна, класични јадење. Кога децата ќе се навикнат на такви јадења тогаш ќе знаат и каква храна не е добра за него. Неговиот организам нема да ја бара лошата и брза храна, нема да бара чипсови, пици, хамбургери, газирани пијалоци туку класични јадења, цедени сокови, вода, јогурт… Но, кај нас е лошото што родителите заради обврските веќе немаат време да готват дома, да има заеднички ручек, а заради што се нарачува брза храна. Колку повеќе во семејството таа се јаде толку повеќе и децата ќе се навикнуваат на неа. Барем еден оброк би требало да биде зготвен дома.
Што да јадат децата?
– Треба да имаат три оброка дневно и две ужинки. Треба да јадат леб од цело зрно, да ги одбегнуваат пецивата од бело брашно, буреци. Потребни им се кисело млеко, јогурт, сирење, заради калциумот. Потребата за шеќерот треба да се задоволува преку јадењето на различни овошја, а не преку чоколади, дури не и овошни јогурти. Воопшто не препорачувам да јадат чоколади. Таа може да се замени со една банана или ако веќе се сака да се јаде тогаш максимумот е една коцка. И пиците кои им се омилени треба да се сведат на еднаш месечно, но и тие да не се калорични, да се без мрсни шунки и слично. Уште поважно е да се одбегнуваат кечапи, мајонези во хамбургери, тие се најлоши.
Треба да јадат, на пример за доручек, пецива со пченкарно брашно, со цели зрна на житарици, јогурти со мала масленост, палента со парче сирење, за ужина банана, јаболка. Добро е да се јаде риба трипати неделно, месо од мисирка, а други меса многу малку и тоа да не бидат многу мрсни.
Дали здебелените деца треба да бидат ставени на диети?
– Треба да бидат ставени на посебен режим, начин на исхрана. Сите оние кои имаат проблем со вишокот на килограмите треба да бидат ставени на здрава диета. Тоа не се некои ригорозни диети туку е менување на начинот на животот. Значи, и овие деца можат да бидат на диета и тука возраста не игра улога.
Важно е за оваа тема да се зборува и во училиштата, да се обрзуваат за тоа што значи здрава храна, да се води сметка што јадат во школските кујни. Да не зборам за тоа колку е важна физичката активност и мотивацијата од самото семејство да спортуваат, да возат велосипед, трчаат, пешачат… Лично, сметам дека продавници за брза храна треба да бидат што подалеку од училиштата. Или, ако веќе постојат дуќани за брза храна, нека има и оние со здрава храна за да децата имаат избор.
Извор: Скопско ехо

