Варварите доаѓаат
Став на Никица Корубин
Темата за бугарофобијата (и албанофобијата како секогаш присутна) и нејзиното отворено и прикриено присуство во јавниот дискурс, освен што доаѓа во нови нијанси, е показател за степенот на севкупната “индоктринација” како резултат на сеприсутната кампања за одбрана на “идентитетот и посебноста” од надворешните непријатели, а како последица на тоа задржување на затвореноста на општеството vis a vis светот. Наративот во кој ние сме “цивилизираните жртви”, а другите (точно таргетирани) “дивите варвари” очигледно латентно тлее.
Словенечката група Лајбах, во 2003 издаде ангажиран албум, во која една од композициите започнува со зборовите “Варварите доаѓаат”, како реминисценција на присуството на стравот како таков, по било кое прашање, потикнат од предрасудите кои грижливо се негуваат во едно општество. Па, како резултат на тие намерно негувани предрасуди, кои низ годините преминуваат во навика, секој го формира своето мислење кон некого или некоја тема. И, за жал можеме да ги најдеме, и таму каде што најмалку ги очекуваме, односно очекуваме токму тие теми да бидат браната кон фобијата, од било кој вид.
Темата е Требениште, односно продолжение на изложбата, по повод 100 годишнината на откривањето на оваа спектакуларна некропола во непосредна близина на Охрид. Таа изложба беше одржана во Скопје, во 2018 година, во соработка со музеите во Софија и Белград, каде се чуваат артефактите од оваа некропола, која своето продолжение ќе го има во Софија, оваа година. Исклучителен проект, за кој организаторите, археолозите и сите други, од сите три држави, заслужуваат најголема почит. И токму затоа изненадувањето беше уште поголемо и неочекувано, кога во инаку солидно интервју на наш интернет портал, со еден од организаторите од македонска страна, ќе се прочита вакво прашање:
“Во период на заладени билатерални односи меѓу Македонија и Бугарија, колку се безбедни предметите што би патувале во Софија, со оглед на тоа што една третина од поставката ќе биде исполнета со предмети од Требениште што се дел од колекцијата на Народниот музеј во Белград? Какви се гаранциите дека ќе се вратат дома”? (Умно, Требенишките кнезови во јули ќе се обединат на голема археолошка изложба во Софија)
“Варварите доаѓаат … ползејќи од исток” е продолжетокот на композицијата на Лајбах, која се однесува на големите мигрантски бранови, и како Европа ги перцепира; но некако накарадно можеби одговара, како циничен одговор на прашање “Какви се гаранциите дека предметите ќе се вратат дома”? Освен беспредметноста, навредливоста и апсурдноста на “грижата” дали предметите кои ќе патуваат се безбедни, и какви биле гаранциите дека тие ќе се вратат, со оглед на “зададените односи меѓу Македонија и Бугарија”; не е јасно од контекстот на прашањето за кои предмети станува збор, односно дали е грижата за “тие од Скопје (Охрид) или тие од Белград” и што е точно “дома”?
И дали тоа значи дека треба да имаме “грижа” и за тие што секако се чуваат во Софија, бидејќи движните наоди (предмети) од аспект на некрополата имаат исто значење, каде и да се чуваат? Или на пример, каде е грижата како се чуваат наодите од Требениште, кај нас дома, односно како, каде и во какви услови се чувани и претставени наодите од гробот 132 од Горна Порта, или популарно наречена, “нашата златна маска”?
Дали прашањето имплицира дека постои можност, артефактите да не бидат вратени, односно да бидат украдени, и дали тоа по автоматизам значело дека постоело можност “да бидат украдени од наша страна”, кога ние сме биле организатори? Или опасноста доаѓа само од една страна, бидејќи нели метафорички “варварите доаѓаат од исток”? Дали некогаш, некаде, се случило некоја земја организатор да украде гостувачки артефакти, сопственост на друга земја?
И зошто воопшто се поставуваат вакви прашања или постојат вакви грижи? Од позиција на кој кредибилитет, како држава и нефункционален и деструктивен систем за заштита на културното наследство, се поставува вакво прашање? Кои тоа “примери на грижа” по највисоки светски стандарди, може да се посочат кај нас, пред да се покажува прстот кон другите?
Инаку, во Бугарија, која има големо археолошко наследство, но и богата научна, музејска традиција и грижа за културното наследство, се наоѓаат артефактите од првите 7 ископани гробови, од оваа некропола, која сигурно е најголемото археолошко откритие на територијата на Северна Македонија, а и едно од најголемите севкупно во Европа и светот, на 20-от век; а Бугарите, односно Богдан Филов, еден од најголемите бугарски археолози и научници, меѓу другото и основач на Бугарскиот Археолошки Институт (институција која патем речено е непостоечка кај нас, од “преголемата грижа” за археолошкото културно наследство) е издавач на првата монографија за Требениште во 1927 година, преку која светската научна јавноста дознава за оваа исклучителна некропола.
Ова е инаку истиот Богдан Филов, премиер на Бугарија од 1940 до 1943 година, па интересно е како во светлото на новиот прецизно таргетиран антифашизам, ќе се поставиме кон него, во контекст на нашето најголемо археолошко откритие, ќе се забранат ли неговите дела да се проучуваат или пак неговото име?
И така, “чекајќи ги варварите”, удавени во предрасудите, опиени од нашата возвишеност, исцрпени од “чувањето на идентитетот”, можеме само одново да се чудиме, а и запрашаме, каде сме тргнале и каде сакаме да стигнеме? Ако ние “цивилизираните”, завршивме со “варварите”. И, ако досега не разбравме, дека полека но сигурно, сите во меѓувреме опасно се варваризиме.
