|

ПЕНТАГОН: ТРАМП ГО НАРЕДИ НАПАДОТ ВРЗ ГЕНЕРАЛОТ СОЛЕЈМАНИ

Пентагон соопшти дека нападот врз генерал Касем Солејмани, командант на единицата „Кудс“ од Иранската револуционерна гарда е извршен по наредба на американскиот претседател Доналд Трамп.

По смртта на Солејмани, Трамп објави на твитер слика со американско знаме, без никакво дополнително објаснување.

Изутрината на меѓународниот аеродром во Багдад неколку проектили погодија конвој на Хашид ал Шааби. Тоа е ирачка паравоена формација на претежно шиитски вооружени единици кои имаат блиски врски со Техеран. Тие официјално се вклучени во ирачките државни безбедносни сили откако помогнаа да со порази екстремистичката Исламска држава. Во нападот бил убиен и заменик шефот на оваа формација Абу Махди ал Мухандис.

Само неколку часа по нападот, иранската државна телевизија пренесе соопштение на Револуционерната гарда во кое се вели дека Солејмани „маченички загинал во американски напад врз аеродромот во Багдад“.

Пентагон од своја страна соопшти дека Солејмани „активно развивал планови за напади врз американски дипломати и членови на службата во Ирак и во целиот регион“.

Во соопштението се додава дека Солејмани ги организирал нападите врз американската амбасада во Багдад во изминатиот викенд и врз американските бази при што загина еден американски државјанин.

Слични Објави