ВЕЛИКА БРИТАНИЈА ДЕНЕСКА ЈА НАПУШТА ЕУ
Велика Британија денеска ја напушта Европската унија по 47 години членство. Во јуни 2016 година, Британците решија да ја напуштат ЕУ.
Односите меѓу Велика Британија и ЕУ ќе останат такви како што се до крајот на 2020 година. За време на овој 11-месечен преоден рок, Лондон и Брисел треба да преговараат за нивните идни односи.
Според договорот за излез, иселениците што живеат од обете страни на Ла Манш ќе ги задржат сите права за престој и вработување во нивните земји-домаќини до крајот на преодниот рок.
Подоцна денеска се очекува говорот на британскиот премиер Борис Џонсон, кој ќе го поздрави почетокот на „новата ера“. Говорот треба да се одржи еден саат пред официјалниот излез на Лондон од ЕУ.
Џонсон веќе потенцираше дека „Брексит не е крај, туку почеток“ и дека прекинувањето на врските со другите 27 земји-членки е „момент на вистинска национална преродба и промена“.
