ЦАРОВСКА: ДОСЕГА 76 УЧЕНИЦИ И 167 НАСТАВНИЦИ ЗАБОЛЕНИ ОД КОВИД-19
По денешната пресконференција, во одговор на новинарско прашање, министерката Мила Царовска, истакна дека 90 отсто од учениците и наставниците без потешкотии ја следат онлајн наставата, а сподели и колку ученици и наставници досега се заболени со Ковид-19.
– Во неколку ситуации кажав дека 90 проценти учениците и наставниците без никаков проблем ја спроведуваат он-лајн наставата. Првото тромесечие помина без никакви поголеми проблеми, оценувањето се заврши – изјави Царовска.
Од учениците кои наставата ја следат со физичко присуство, Царовска истакна дека дека позитивни ученици на ковид-19 досега се 76, додека позитивни биле и 167 наставници.
– Поради тоа образовниот систем треба да продолжи да работи на начинот на кој беше започната учебната година или по планот и календарот кој што беше усвоен на влада и објавен во Службен весник – додаде Царовска.
На друго новинарско прашање дали по зимскиот распуст е можно сосема да се отворат училиштата според искуствата на некои земји од регионот, Царовска посочи дека тоа е одлука на здравствените власти.
– Ние мора да ја почитуваме нивната одлука зашто здравјето на граѓаните е на прво место. Многу земји ги отворија училиштата, но за кратко време ги затворија. Ние немавме таква ситуација – заклучи Царовска.

