| |

Мафијашите од Преспа?

Пишува: Ѓорѓи Трендафилов

Како сиот наш „работен народ и граѓаните„ и јас „фрлав око„ кон собирот во Преспа каде што „нашата политичка авангарда„ уживаше на специјално за нив подготвениот црвен тепих и „фантастичните лингвистички конструкции„ од типот – синергија, одлични односи, па разочараност,(и тоа бива) геополитички услови, па битката кај Гавгамела, предци на некакви граѓани, па нешто за емотивниот грчки народ… – Си дозволувам и дека сум пропуштил нешто, знам дека е неодговорно од моја страна, сепак, „фокусот на мојот телевизиски интерес„ повеќе беше насочен кон – фудбалот!

За среќа, пикселите сеуште не беа смирени во мемориските картички и во „јавниот простор„почнаа да се појавуваат, како печурки по дожд, објаснувања од типот, што всушност е кажано во Преспа,кој кажал, зошто кажал и зошто токму сега кажал!? Всушност, и самиот наслов на овој текст е инспириран од таквиот пакет објаснувања. Имено. Еден наш познат новинар алудира на договорот на американската морнарица и Лаки Лучијано од 1943, во кој е предвидено, членовите на Cosa Nostra да им помогнат со разузнавачки информации на американските трупи при истоварувањето на Сицилија. За возврат, Лучијано би бил ослобед од затвор. Според достапните информации, двете страни го исполниле својот дел од договорот. Понатаму, симпатичниот бретонец со ирски документи, ни ја појасни „империјалистичката политика„ на Бугарија и неверната Европа. Се разбира, каков би бил тој регионален собир без Албанците. Тие се свртени кон реставрацијата на монархијата. Ќе градат Комонвелт и разбирливо, ќе бираат кралица. Тоа е логично, после Брегзит, на ЕУ и недостасува една кралица.

Нешто посебно и без некоја особена причина, додека МНР и Владата чекаат „логично објаснување„ од Софија, зошто никој од таму не присуствуваше на овој грандиозен настан, недостасува објаснување од Брисел, а и од Владата на Република Северна Македонија,имено, на настанот ги немаше ниту комесарот за проширување Оливер Вархеи,ниту шефот на европската дипломатија Жозеп Борел. Навистина, во Преспа беше комесарот за буџет и администрација Јоханес Хан. И беше многу изненаден.

Потоа следеа бесконечни беседи околу тоа дека „го испорачавме НАТО„ па „испорачавме членство во НАТО„ па нешто околу Преспанскиот договор и чувствата на грчкиот народ, па дека додека има вето, нема предавство (тоа е пак нешто околу грците?) па малку за идентитетот (е нема веќе,името не го даваме) па следуваше една канонада од „констатации за храбрите и прагматични лидери„ и…и тука веќе почнав да ги „губам„
Како заклучок единствено ми се наметнуваат две дилеми и една констатација. Имено. дали треба да очекуваме нова операција „Хаски„ – кодното име на сојузничкото истоварување на Сицилија во 1943 и кој е локалната верзија на Лаки Лучијано – и независно кога и колку сте платиле за новите лични документи, ако на нив не пишува Република Северна Грција, до 2024 треба да платите за нови.

По ѓаволите, време ли е да побарам држава која не е толку опседната со лични исправи?

Слични Објави