Премиерот Заев на „Економист“ во Атина: Северна Македонија станува енергетски коридор за земјите од Југoисточна Европа
Премиерот Зоран Заев во обраќање на конференцијата на „Економист“ во Атина ја истакна важноста на регионалната и економската соработка, особено за време на пандемијата и предностите и придобивките кога земјите работат заедно. Премиерот ги истакна можностите што нашата земја ги нуди за инвестиции, а се задржа и на договорот што денеска ќе се потпише меѓу двете земји за интерконекторот за природен гас.
„Тоа е многу голем проект, околу 100 милиони евра. 54 милиони евра се на Северна Македонија. Тоа е интерконектор за природен гас што отвора огромна можност, не само за Северна Македонија, туку и за Србија, за Косово, за Западен Балкан, што конечно ќе донесе диверзификација на природен гас“, истакна Заев и потенцираше дека нашата земја „станува енергетски коридор за земјите од Југоисточна Европа“.
На панел сесијата, заедно со премиерот Заев, обраќања имаа и премиерот на Албанија, Еди Рама, на Косово, Албин Курти, поранешната претседателка на Хрватска, Колинда Грабар Китаровиќ, поранешната еврокомесарка за вработување и социјални прашања, Ана Диамантопулу, Џорџ Катруглос, поранешен министер за надворешни работи, како и Ринс Прибус, претседател на „Мајкл Бест Стратеџис“.
Премиерот Заев во своето излагање сподели неколку пораки за проекти кои Северна Македонија во соработка со земјите од регионот, Европската Унија, САД и со сите пријателски земји ги реализира за економска стабилност и просперитет.
Северна Македонија, но и другите земји од регионот ја следат европската агенда, како околу климатските промени, така и во однос на зелената енергија и изрази задоволство за инвестицискиот план на ЕУ за Западен Балкан во висина од девет милијарди евра. Целиот напис можете да го видите овде.
Извор: Zoom. mk

