|

Антикорупциската комисија 6 месеци чека на разрешница за Деталниот урбанистичкиот план кај „Холидеј Ин“

Антикорупциската комисија уште од 2019 година чека на одговор од надлежни институции за предметот за јавните набавки во ДИК, како и за предметот за Деталниот урбанистички план кај хотелот „Холидеј Ин“, за кој и после шест месеци нема разрешница.

Како што кажа на денешната прес-конференција директорката на Државната комисија за спречување на корупцијата (ДКСК), Билјана Ивановска, тоа е од особен јавен интерес, за кој што треба Основното јавно обвинителство да се произнесе, бидејќи има низа такви детални урбанистички планови кои што се донесени на ист начин.

-Од друга страна сметаме дека оценката на Уставниот суд досега требаше да ја добиеме. Уште летото го дадовме предметот за оценување на уставноста на законот поврзан со Бехтел и Енк, информираше Ивановска.

Според Ивановска, медиумите се сведоци на сите случувања и на честите изјави во јавноста од поединци, кои што сакаат да ја дискредитираат работата на оваа Комисија како недоволно стручна и компетентна и дека ги надминува своите надлежности.

–И самото непочитување на сите мислења и препораки што ги имаме дадено, на еден начин претставува дискредитација на работењето на Комисијата, рече Ивановска.

За годишниот извештај, Ивановска посочи дека повторно прават оценка на тоа колку од препораките им се прифатени, нагласувајќи дека последниот пат, тоа било само 30 проценти од препораките, што според неа не е доволно.

Осврнувајќи се на извештајот на Европската комисија за напредокот на земјата во кој се нотира напредокот во делот на борбата против корупцијата и судирот на интереси и се оценува дека ДКСК е особено проактивна во превенција на корупцијата и во отворање голем број предмети, вклучително на оние кои се однесуваат на високо ниво на службеници, Ивановска, потенцираше дека тоа е директна потврда за оправданоста на активностите преземени во претходниот период и ажурноста на Комисијата.

Ивановска појасни дека во ДКСК се предвидени 16 нови вработувања, но на барање на Министерството за финансии да се коригира планот, биле скратени две работни места, кои, според неа, ќе успеат да се обезбедат следната година.

–Обезбедувањето услови за работа е особено важно ако се има предвид дека досега процесите за обезбедување просторни, материјални и човечки ресурси се одвиваа многу бавно, па така дури во третиот квартал од третата година на мандатот на Комисијата, оваа институција се пресели во нови простории и доби седум нови вработувања. Оваа состојба влијаеше на отежнато исполнување на зголемените надлежности дефинирани со новиот закон за спречување на корупција и судир на интереси, рече Ивановска.



Слични Објави