(Видео)Даути: За жал Македонија не стана Швајцарија на Балканот, туку едно чудовиште, од кое дејците на ВМРО би се срамеле
„За жал Македонија не стана Швајцарија на Балканот туку едно чудовиште, од кое дејците на историското ВМРО би се срамеле“, ова го изјави Рилинд Даути, магистер по дипломатија и докторант во сферата на политичките науки во емисијата Hyde Park на порталот Трибуна.
Даути потсети дека дејците на историското ВМРО се бореле за независна македонска држава.
„Дејците на ВМРО се залагале за една независна Македонија со потполна рамноправност на нејзините народи, гарантирана во Уставот рамноправност на народите, кои со векови живееле во Македонија, вклучително и рамноправен официјален статус на нивните јазици“, изјави Даути.
Според младиот албански интелектуалец од РС Македонија тоа не се остварило и денеска идејата Македонија-Швајцарија на Балканот буди страв во земјата.
„Небаре е лоша работа македонската држава да биде стабилна и еколошки чиста, богата и рамноправна кон сите граѓани како што е Швајцарија. Со тоа сите би биле среќни да живеат под суверенитетот на таква држава“, вели Даути и додава дека граѓаните на Македонија не би се иселувале во другите држави.
Во емисијата Hyde Park Рилинд Даути спомна и за иронијата дел од денешните луѓе кои се нарекуваат вмровци да бидат најголеми и највулгарни противници на идејата Македонија-Швајцарија на Балканот.
„Најголемата иронија е тоа што Македонија-Швајцарија на Балканот била идеја на дејците на историското ВМРО, а денеска најголеми и реално погледнато највулгарни противници се токму тие кои се самонарекуваат вмровци“, изјави Даути.

