Адвокатот на газдата на „Беса транс“: Лажна исправа ниту е изработена, ниту е употребена, ниту постои, убеден сум дека пресудата не може да опсои
Асмир Алиспахиќ, адвокатот на сопственикот на „Беса транс“ во чиј автобус лани во Бугарија изгореа 45 патници меѓу кои 12 деца, смета дека не може да опстои пресудата со која Беким Хаџиу доби една година и осум месеци затвор, парична казна од 800.000 денари и четиригодишна забрана за превезување патници, која судот утрово му ја изрече за фалсификување исправа. Алиспахиќ вели дека судот не го покажал лажниот документ, ниту пак покажал вешт наод и мислење, поради што е убеден дека пресудата не може да опстои и најави жалба.
„За да се исполни битието на ова кривично дело фалсификување исправа, не само што е потребен материјален доказ, а тоа е вешт наод и мислење, напротив, треба да се исполнат и субјективните дејствија кои наводно ги преземале и правното лице и Беким Хаџиу. Во конкретнава ситуација тоа отсуствува од причина што таа лажна исправа ниту е изработена, ниту е употребена, а ниту постои. И сведоците и претставниците од Царинската управа и од Министерството за транспорт и врски потврдија дека правното лице во целост ги исполнувало условите за патување во домашни рамки, а и надвор од нашата држава. Од тука се поставува прашањето зошто воопшто се влегува и се поднесува вакво обвинение кога не може да се исполни битието на кривичното дело, на она што го потенцираше и судијата, а тоа е кривично дело фалсификување на исправа. Основниот елемент за ова кривично дело е постоење на изработена лажна исправа употребена како вистинска. Во конкретнава ситуација ниту е изработена, ниту е употребена, а ниту постои. Јас сум убеден, како правник и како адвокат на Бедри Хаџиу, дека оваа пресуда не може да опстане онака како што е изречена во конкретната ситуација“, рече адвокатот Алиспахиќ по денешната пресуда.
Одбраната уште од самиот почеток, како што нагласи адвокатот Алиспахиќ, смета дека ова кривично дело не е воопшто поврзано со несреќата во Република Бугарија туку е исклучиво кривично дело во делот на работењето на правното лице ‘Беса транс’.
„Ако направиме една компарација во делот на другите изречени судски одлуки и судски пресуди од ваков вид, иако казната е предвидена од една до пет години, како казна затвор, сметам дека во конкретнава ситуација, е превисоко одмерена. Не само во делот на постоење на кривично дело. Теоријата на одбраната ја знаете од самиот почеток и таа ќе биде презентирана пред повисоките судови“, најави адвокатот Алиспахиќ.
Кривичниот суд утрово за фалсификувана лиценца, му изрече казна затвор од една година и осум месеци на сопственикот на „Беса транс“, а на правното лице му одреди парична казна во висина од 800.000 денари, и четиригодишна забрана за добивање лиценца за патен превоз.