|

ВЛЕН: Зошто ДУИ не започнува ветинг со сопствените функционери?

Движењето ВЛЕН објави соопштение во кое остро ја обвинува Демократската унија за интеграција (ДУИ) дека повторно се обидува да го избегне вистинскиот ветинг и, како што наведуваат, „да ја измами јавноста со стари и празни оправдувања“.

„Партијата на ‘Српскиот свет’ – ДУИ повторно се обидува да го избегне вистинскиот ветинг и да ја измами јавноста со веќе видени и празни оправдувања“, се наведува во соопштението на ВЛЕН.

Од таму обвинуваат дека секогаш кога ДУИ се соочува со прашања за криминал, корупција и злоупотреба на власта, се повикува на „лажна реторика“ за ветинг, но никогаш не презема конкретни чекори. „Вистината е јасна: раководството на ДУИ не би го поминало ниту наједноставниот контролен процес, а камоли вистински процес на прочистување и одговорност“, стои во реакцијата.

ВЛЕН потсетува дека ДУИ е повеќе од 20 години на власт и дека ако навистина имале волја за ветинг, „ќе го имаа реализирано одамна“. Наместо тоа, ветингот се користи како „маска за прикривање криминал и лично богатење“, додаваат од движењето.

„ДУИ не го гледа ветингот како алатка за правда, туку како политички инструмент за манипулација“, пишува понатаму.

ВЛЕН отворено прашува зошто функционерите на ДУИ не почнуваат со ветинг од самите себе и бара одговори за следниве случаи:

  • Ветинг за Али Ахмети – „Кој ја испитал неговата имотна состојба и компаниите на неговите блиски?“
  • Ветинг за пријателот на Бујар Османи, Артан Груби – „Кој ќе ги истражи лиценците за казина, врските со балканскиот подземен свет и милионските договори?“
  • Ветинг за Бујар Османи – „Кој ќе даде одговор за сомнителните средби со претставници на ‘српскиот свет’, за случајот ‘Пациент’ и за милионите потрошени за Самитот на ОБСЕ?“
  • Ветинг за Арбен Таравари – „Кој ќе ја провери неговата имотна состојба, тендерите за блиски лица и врските со ‘Џока Констракшн’?“
  • Ветинг за Блерим Беџети – „Кој ќе ги истражи градбите во Сарај и поврзаноста со неговото име?“

„Ова се прашањата на кои ДУИ им должи одговор на граѓаните“, се наведува во соопштението на ВЛЕН. Од движењето прашуваат дали ДУИ има спроведено ветинг, и ако има, каде се резултатите. „Додека продолжуваат да молчат и да ја избегнуваат вистинската одговорност, секој повик за ветинг останува само евтина пропагандна кампања“, оценуваат од ВЛЕН.

На крајот, ВЛЕН испраќа јасна порака: „Вистинскиот ветинг доаѓа. И нема да биде под контрола на партиски комисии, туку под надзор на народот.“

„На следните локални избори, граѓаните ќе го заокружат овој процес – ќе дадат вистинска оценка и ќе ги испратат во историјата сите оние кои ја злоупотребиле власта за лични интереси“, завршува соопштението на ВЛЕН.

Слични Објави