МВР воведува трајно одземање на возила за возачи под дејство на алкохол или дроги
Министерот за внатрешни работи, Панче Тошковски, соопшти дека со новите законски измени што се подготвуваат, државата ќе воведе трајна конфискација на возила како санкција за најтешките прекршувања на сообраќајните правила.
Според министерот, новата мерка ќе се применува за лица кои управуваат возило без возачка дозвола, под дејство на алкохол или дроги, како и за возачи што возат со екстремно висока брзина. Тоа ќе биде првпат во Македонија да се воведе трајно одземање на возило како казна.
„На човек без возачка дозвола, под дејство на дроги и алкохол, не смее да му се дозволи да биде дел од сообраќајот“, изјави Тошковски.
Тој нагласи дека со измените на Законот за безбедност на сообраќајот, Законот за прекршоци и Кривичниот законик, не е предвидено зголемување на глобите, но затоа санкциите ќе бидат значително поригорозни. Покрај конфискацијата на возилото, се предвидува и обврзна затворска или условна казна за безобѕирно управување со возило.
Дополнително, Тошковски најави дека одземените возила нема да бидат само складирани или продадени, туку ќе се донираат на државни институции, кои ќе ги користат во јавен интерес.
Новите мерки се дел од засилените напори на Министерството за внатрешни работи да ја подобри безбедноста во сообраќајот и да го намали бројот на сообраќајни несреќи предизвикани од неодговорни возачи.
