|

Лишени од слобода криумчари од Косово, пронајдени осум лица мигранти од Кина

Двајца државјани на Косово биле приведени од страна на полицијата во вечерните часови на 31 јули, откако со возило со косовски регистарски ознаки се обиделе да пренесат осум мигранти од Народна Република Кина и при тоа избегнале полициска контрола, предизвикале материјална штета и нападнале полициски службеник, соопшти Министерството за внатрешни работи (МВР).

Според информациите од МВР, околу 22:30 часот, полициски службеници ги лишиле од слобода лицата Г.Л. (24) и Б.Л. (18), двајцата од Косово, откако биле забележани како управуваат возило „Фолксваген Кеди“ на автопатот од Градско кон Скопје, во кое биле пронајдени осум кинески мигранти. Возачот Г.Л. не застанал на даден знак за запирање околу 21:40 часот и продолжил да се движи со голема брзина.

Во обид да избегне полициска интервенција, возачот со возилото направил значителна материјална штета. Биле оштетени наплатната станица Градско, едно патничко возило марка „Опел Инсигниа“ со странски регистарски ознаки, како и мотоцикл со македонски регистарски таблички. Дополнително, оштетена била и рампата на наплатната станица Петровец.

Бегството завршило кај клучката „Приштина“ на скопската обиколница, каде што возачот изгубил контрола врз возилото и излетал од патот. При обид да побегне, тој физички нападнал полициски службеник, но бил совладан и приведен.

За време на полициската акција биле испукани предупредувачки куршуми, при што, како што информира МВР, нема повредени лица.

Приведените се задржани во полициска станица, а осумте мигранти се сместени во транзитен центар, додаваат од Министерството.

По целосно документирање на случајот, Одделението за прекуграничен криминал, странци и реадмисија при РЦГР Север ќе поднесе соодветна пријава против осомничените.



Слични Објави