ДУИ: Ветингот не го сакаат тие што донираат јавен имот, примаат сомнителни српски донации и градат без дозволи
Ветингот е „услов за правда“ и „обврска кон граѓаните“, порача Демократската унија за интеграција (ДУИ) преку официјално соопштение објавено на својата Фејсбук страница, каде уште еднаш го повтори својот став дека ветингот е неопходен и дека мора да се спроведе со меѓународен надзор.
„Ветингот не го сакаат тие што денес донираат јавни имоти, што прифаќаат донации со сомнително потекло од Србија и што градат стотици објекти без дозволи. Тие што се плашат од транспарентност, не можат да бидат гаранти на правдата“, се вели во соопштението на ДУИ.
ДУИ наведува дека ветингот е институционална и општествена неопходност за да се врати довербата на граѓаните во правосудството, институциите и демократијата:
„Демократската унија за интеграција уште еднаш го повторува и истакнува својот јасен и непоколеблив став дека ветингот е неопходност за институциите и општеството, за враќање на довербата на граѓаните во правдата, во државните институции и во самиот демократски систем.“
Во објавата се вели дека ДУИ верува оти „не може да има функционална држава и праведно општество без сеопфатен процес на ветинг, под меѓународен надзор, кој ќе донесе транспарентност, отчетност и одговорност на сите нивоа на власта“.
ДУИ ги повика сите парламентарни партии да го поддржат нивниот предлог-закон за ветинг, поднесен уште во 2020 година:
„Упатуваме повик до сите парламентарни политички партии да го поддржат предлог-законот на ДУИ за ветинг со меѓународен надзор – процес кој ќе биде сѐопфатен и бескомпромисен, со цел враќање на довербата на граѓаните во правдата и институциите.“
Партијата бара и:
Истражување на работата на сите политички партии без исклучок во изминатите 33 години;
Проверка на потеклото на имотот на сите јавни функционери во последните 33 години – министри, пратеници, градоначалници, директори, судии, обвинители – „без разлика“;
Темелна истрага на процесот на приватизација, кој, според ДУИ, бил основа за создавање на „недопирливи олигарси“;
Истражување за дејствувањето на државните безбедносни служби и нивниот персонал од 1945 година до денес – вклучувајќи ги OZNA, UDB-а, СДБ, ДБК, УБК и АНБ.
„Овој мрачен период не смее да остане неразјаснет. Правдата не се мери со изјави, туку со конкретни одлуки“, пишува ДУИ.
Партијата ја повика и Владата и останатите политички субјекти да покажат „институционална храброст и политички интегритет“. Според нив:
„Ако немаат страв од вистината, ако немаат што да кријат – нека го поддржат ветингот!“
ДУИ го потсети и патот на нивниот предлог-закон:
„Предлог-законот беше поднесен во 2020 година, ставен во собраниска процедура и го помина првото читање, но поради отсуство на политичка волја од другите партии, досега не е донесен.“
„Ветингот ќе се случи. Зашто ова не е прашање на ДУИ. Ова е прашање на државата. Прашање на правдата. И прашање на иднината“, се наведува на крајот од соопштението на ДУИ објавено на нивната официјална Фејсбук страница.

