(Видео) Чупеска: СДСМ бара претседателката Сиљановска да не го потпише Указот за скандалозните Закони за полиција и МВР
Социјалдемократскиот сојуз на Македонија денеска одржа прес-конференција на која потпретседателката на партијата, Ана Чупеска, со загриженост реагираше на усвоените измени на Законот за полиција и Законот за внатрешни работи, повикувајќи ја претседателката на државата, Гордана Силјановска-Давкова, да не ги потпише указите за овие закони.
„Ова не се закони, ова е легализација на еден манифест на авторитаризам“, изјави Чупеска, оценувајќи дека со измените се укинува професионализмот во полицијата и се отвора пат за нејзина партизација.
Според СДСМ, новите законски решенија му даваат на министерот за внатрешни работи неограничена моќ, вклучително и можност да именува директори, началници и командири без утврдени критериуми за стаж или искуство, што претставува директен удар врз мерит системот.
„Министерот Тошковски ќе може да назначува лица без искуство на раководни позиции – дури и штотуку вработени приправници – што претставува невиден преседан“, рече Чупеска.
Таа предупреди и на одредбите кои, според СДСМ, отвораат можност за масовно следење преку биометриски податоци без соодветен надзор, што е спротивно на европските стандарди за заштита на лични податоци (GDPR).
Чупеска потенцираше и дека се укинува условот со кој полициски службеници осудени на казна затвор подлежат на автоматско престанување на работниот однос, со што, како што рече, се отвора можност лица со криминално досие да добијат високи позиции во полицијата.
СДСМ остро реагира и на укинувањето на регионалните центри за гранични работи, што, според партијата, е чекор кон укинување на граничната полиција – потег кој може да ја доведе во прашање и соработката со Frontex.
„Овие измени се во спротивност со Европскиот кодекс на полициска етика и стандардите на Советот на Европа“, посочи Чупеска, најавувајќи дека СДСМ ќе достави официјални елаборации и до меѓународни партнери, вклучително и до амбасадите на ЕУ и САД, ОБСЕ и Советот на Европа.
Партијата апелираше до претседателката Силјановска-Давкова да ги врати законите во Собранието, со цел, како што велат од СДСМ, да се спречи натамошната партизација на полицијата и ерозија на безбедносниот систем.
„Очекуваме претседателката да застане на страната на уставноста, демократијата и професионализмот. Ова е момент на одлука – дали ќе дозволиме полициска држава или ќе го заштитиме поредокот“, порача Чупеска.

