|

ВМРО-ДПМНЕ: Директни линии од и до Скопје од Мадрид, Стокхолм, Келн, Прага и Бари, се зголемува бројот на туристи

Од ноември и декември годинава, од скопскиот аеродром ќе стартуваат пет нови директни авиолинии кон европски дестинации: Мадрид, Стокхолм, Прага, Бари и Келн. Линиите се дел од вкупно 16 нови рути кои се воспоставени во изминатите 11 месеци од двата македонски аеродроми, Скопје и Охрид, се вели во соопштението на ВМРО-ДПМНЕ.

Според соопштението, овие нови рути се дел од планот за подобрување на воздушната поврзаност на Македонија со Европа и светот. Новите пет линии се дополнение на претходно воведените 11 дестинации кои вклучуваат Барселона, Лион, Париз, Женева, Истанбул, Амстердам, Дубаи, Штутгарт, Ларнака и Базел.

Во првата половина од 2025 година, на аеродромите во Скопје и Охрид биле превезени околу 1,5 милиони патници, што претставува зголемување од 5% на скопскиот и 11% на охридскиот аеродром во споредба со истиот период претходната година, се вели во соопштението на ВМРО-ДПМНЕ.

Дополнително, поддршката за чартер летови и измените во политиката за субвенции исто така придонеле за зголемување на бројот на туристи. Секојдневно, преку скопскиот аеродром пристигнуваат околу 200 туристи од Германија, Франција и Велика Британија, а од октомври се очекуваат дополнителни два авиона дневно на охридскиот аеродром, со што бројот на туристи таму ќе се зголеми на 400 дневно, се посочува во соопштението.

Споредено со мај 2024 година, во мај 2025 е регистрирано зголемување од 20% на бројот на туристи, односно околу 101.000 туристи повеќе. Во моментов, од Скопје и Охрид има околу 60 дестинации со редовни летови до европски и други светски градови.

Слични Објави