Стоилковски: Ковачевски не смее збор да изусти за тоа што Груби, Османи и половина Влада вработувале семејства во М-НАВ
Димитар Ковачевски не смее збор да изусти за тоа што Груби, Османи и половина Влада вработувале семејства во М-НАВ, изјави на прес-конференција портпаролот на ВМРО-ДПМНЕ, Наум Стоилковски.
„Ковачевски не е портпарол кога станува збор за бандитизмот, Ковачевски е портпарол само кога ќе му дошепне Али Ахмети. Уште пострашно, на Љупчо Николовски, министер со цело семејно стебло вработено во М-НАВ, не му било гајле за ставот на премиерот“, рече Стоилковски.
Како што додаде, во М-НАВ, Бујар Османи си вработил сестра; Артан Груби – снаа; Ејуп Алими, експратеник од ДУИ – две снаи и син; Беким Незири, притворен како предводник на групата тепачи во М-НАВ, вработил внук; Љупчо Николовски во М-НАВ има чичко, братучед, а „Телма“ објави и за внук.
„Ова е шемата по која што функционира лажниот европски фронт. Министри вработувале по два-тројца роднини во М-НАВ, а потоа не им е гајле што мисли премиерот. Ковачевски не смее збор да каже за министрите и функционерите на ДУИ, дури и кога тепаат во контролна кула за летање. СДС и ДУИ не може да се европски фронт затоа што тоа е коалиција на бандитизмот. Ова е класичен бандитизам со кој функциите губат значење“, рече Стоилковски.
