|

СДСМ објави документ: Трипуновски ги пушти низ вода лозарите, Владата ќе им дава 2 денара само на винарниците

СДСМ обвини дека Владата на ВМРО-ДПМНЕ повторно ги запоставува лозарите и дека мерките што се носат се во корист само на винарниците.

„И денес Трипуновски не собра храброст јавно да ја каже производната цена на двете најзастапени вински сорти ‘Вранец’ и ‘Смедеревка’ и пак продолжи да ги лаже земјоделците дека во договор со винарниците е постигната историски највисока цена,“ велат од СДСМ.

Од партијата посочуваат дека Владата пред три недели, „далеку од очите на јавноста“, донела мерка според која на винарниците им се исплатуваат по два денари по литар произведено вино од откупени количини грозје од реколта 2024 година.

„Ама не и на лозарите. Ова покажува дека Владата на ВМРО-ДПМНЕ ги пушти низ вода лозарите. Од минатата 2024 година цената на грозјето е зголемена само за пола денар, што е срамно ништо да не добијат лозарите, а на винарниците власта им дава два денари за литар произведено вино од реколта 2024 година, без јавно да го соопшти тоа,“ се вели во соопштението.

СДСМ потсетува дека минатата година лозарите за прв пат останале без субвенции по килограм предадено грозје.
„Ќе се повтори ли и оваа неправда пак?“ прашуваат од партијата.

„Ова е уште еден доказ дека Владата на ВМРО-ДПМНЕ не работи за земјоделците, туку им служи на олигарсите,“ се наведува во соопштението на СДСМ.

Слични Објави