|

Адеми: Владата го нарушува правичното претставување, неопходни се предвремени избори

Владата го нарушува правичното претставување во општините со одлуката за намалување на бројот на советници, спротивно на Уставот и Законот за локална самоуправа, изјави денеска потпретседателот на ДУИ, Арбр Адеми, на прес-конференција.

„Демократската унија за интеграција изразува длабока загриженост поради инсистирањето на Владата да ја спроведе одлуката донесена во септември 2024 година за намалување на бројот на општински советници – одлука која е спротивна на Уставот, Законот за локална самоуправа и одлуката на Уставниот суд. Оваа одлука, испратена до Државната изборна комисија, го прекршува член 34 од Законот за локална самоуправа, кој јасно предвидува дека бројот на советници во секоја општина треба да се пресметува единствено врз основа на бројот на жители, без правење разлика помеѓу резиденти и нерезиденти – стандард кој отсекогаш важел,“ рече Адеми.

Тој потсети дека Уставниот суд со одлука У.бр. 251/2024 од 25 јуни 2025 година ја поништи правната основа врз која се темелеше оваа владина мерка, истакнувајќи дека исклучувањето на нерезидентните граѓани е спротивно на Уставот и правото на еднакво претставување.

Адеми обвини дека Владата ја донела одлуката со цел, како што рече, да ја прикаже албанската популација како 24,3% од населението наместо реалните 29,5% од пописот во 2021 година. „ДУИ бара целосно почитување на одлуката на Уставниот суд и гарантирање на правично и пропорционално претставување на сите општини врз основа на точни демографски податоци,“ нагласи тој.

„Државната изборна комисија да донесува одлуки врз основа на Уставот и законот, избегнувајќи какво било политичко влијание. Обезбедување на слободни, демократски и прифатливи избори за сите страни. Примена на член 50 од Уставот, кој гарантира заштита на слободите и правата на граѓаните. Почитување на член 51 од Уставот, според кој законите мора да бидат во согласност со Уставот, а сите други акти – со Уставот и законот, и секој е должен да ги почитува,“ додаде Адеми.

Тој оцени дека повлекувањето и корекцијата на оваа одлука е неопходна за зачувување на легитимитетот на претстојните локални избори и за да не се дозволи, како што рече, исклучување на албанската дијаспора од процесите на одлучување.

На новинарско прашање, Адеми порача дека смета оти се неопходни предвремени парламентарни избори, бидејќи институциите не се функционални.
„Политичкиот систем во државата за кој сме се договориле треба да го почитуваме. Сме кажале дека не треба да се доведеме во ситуации немнозинските заедници да се мајоризираат, да се надгласуваат, да се поделиме на етнички линии. Тоа сме го кажале уште од почеток. За тоа сме се договориле во 2001 година и кога некој го гази тоа, ние сме приморани да кажеме пред јавноста отворено и искрено дека не одиме во добар правец, нема да имаме функционални институции. Ќе има заострување на меѓуетничките односи, тоа не ни носи добро,“ рече Адеми.

Во врска со измените на Изборниот законик, тој остро ја критикуваше Владата. „Првпат се случува некоја Влада да не формира работна група за адресирање и инкорпорирање на препораките на ОБСЕ/ОДИХР во законикот, за што е потребен консензус, а оваа Влада немаше слух. Сите политички партии преговарале со месеци и препорачливо е најмалку шест месеци пред избори да се усвојат измените и дополнувањата. А ние со која ситуација се соочуваме – 5 до 12 предлагаат решение кое воопшто не е консултирано. ВМРО и СДСМ заедно седнале водејќи се по нивните партиски интереси и сакајќи да ги елиминираат независните,“ нагласи тој.

Според Адеми, демократски е да се овозможи што повеќе независни кандидати на изборите.
„Што повеќе опции, што повеќе алтернативи, толку поголем избор за граѓаните за да направат разлика. Добро е што има иницијативи за кандидирање на повеќе опции, на повеќе луѓе, повеќе учесници на изборите. И тоа е добро за демократијата,“ изјави потпретседателот на ДУИ.



Слични Објави