|

Мицкоски категоричен: Бадентер останува, ДУИ предупредува за опасни идеи

Изјавата на министерот за правда Игор Филков дека треба да се размислува за ревидирање на Бадентеровото мнозинство при гласањето, за потпретседателот на ДУИ Арбр Адеми претставува опасна идеја и директен удар врз Охридскиот рамковен договор.

„За жал се повеќе им се дава простор на политички сили и на политичари кои имаат опасни идеи и кои мислат дека мултиетничките држави не се функционални, а кои се поборници на чисто етнички држави. Такви идеи и такви идеолози се опасни бидејќи со тоа се заоструваат меѓуетничките односи па се до нарушување,“ изјави Адеми.

Филков претходно оцени дека можеби е време да се размисли за ревидирање на Бадентеровото мнозинство, поради, како што рече, неговата злоупотреба за блокирање на закони и одлуки.

Сепак, премиерот Христијан Мицкоски не се согласува со таквата идеја и јасно стави до знаење дека ова прашање е завршено.
„Тоа правило е дел од Рамковниот договор, Рамковниот договор е дел од Уставот, Рамковниот договор е целосно исполнет и завршен и тоа е завршена и затворена тема. Тоа што претставуваше суштински и институционален проблем, а тоа е балансерот, знаете ние понудивме закон за правична застапеност,“ рече Мицкоски.

Во меѓувреме, од ДУИ реагираа и на одлуката на Владата за намалување на бројот на општински советници. Според нив, таа е спротивна на Уставот и на Законот за локална самоуправа.

„Бројот на советници во секоја општина треба да се пресметува единствено врз основа на бројот на жители и притоа да не се прави разлика меѓу резидентно и нерезидентно население. Со намалувањето на бројот на советници Владата го нарушува правичното претставување во општините,“ нагласи Адеми.



Слични Објави