|

Муцунски – Дуџијак: поздравена континуираната поддршка од ОН за севкупниот напредок на нашата земја

Министерот за надворешни работи и надворешна трговија, Тимчо Муцунски денеска ja прими постојаната координаторка на ОН во земјава, Росана Дуџијак.

На средбата стана збор за Рамката за соработка за одржлив развој 2021 – 2025, при што беше нагласено дека нејзината имплементација ќе придонесе и за целосна реализација на Целите за одржлив развој до 2030, на што земјава е во целост посветена.

Министерот се заблагодари на досегашната поддршка на Канцеларијата на Резидентниот координатор на ОН во земјава во исполнувањето на нашите национални приоритети, нагласувајќи ја посветеноста на новата Влада на реформските процеси и понатамошниот демократски развој.

Дополнително, беше поздравена континуираната поддршка од ОН за севкупниот напредок на нашата земја преку различни проекти и активности, нагласувајќи дека истите ги помагаат и нашите клучни процеси, како што е процесот на пристапување во ЕУ.

Воедно, стана збор и за нашето учество на Генералното собрание на ОН, што ќе се одржи во септември оваа година, како и за календарот на активности во претстојните месеци.



Слични Објави