Странски кардиолози ќе ја проверуваат оправданоста на операциите во РС Македонија
Тројца експерти за кардиологија од различни европски држави ќе спроведат независен надзор во РС Македонија за да утврдат дали се изведуваат непотребни срцеви операции и стентирања со цел профит. Ова денеска го најави министерот за здравство Азир Алиу на прес-конференција.
Алиу најави дека од наредниот месец приватните здравствени установи ќе бидат обврзани да ги отворат своите бази на податоци. Во Министерството веќе функционира комисија која ги отстранува законските пречки за реализација на контролите.
„Ова е право на државата, затоа што секој граѓанин директно или индиректно придонесува во здравствениот систем и Фондот. Мора да имаме целосна слика за здравствената патека на секој пациент,“ изјави министерот.
Стручната комисија ќе биде составена од тројца странски експерти кои нема да бидат од соседните земји, со цел, како што нагласи Алиу, да се обезбеди независност и транспарентност на извештајот. Контролите ќе започнат од приватните здравствени институции, но ќе продолжат и во јавните клиники.
Министерството располага со податоци за сите кардиолошки интервенции од 2019 до 2025 година. Според официјалните информации, само годинава се извршени:
493 интервенции во Охрид
105 во Државната кардиохирургија
1.488 на Универзитетската клиника за кардиологија
531 во „Аџибадем Систина“
939 во „Жан Митрев“
Алиу најави и средба со кардиологот Сашко Кедев, чии изјави за непотребни интервенции беа повод за вонредната проверка.
„Не сакаме да брзаме за сензации, туку да имаме прецизни и јасни извештаи што ќе бидат јавни и ќе покажат дали е потребна промена на закони, стандарди или протоколи,“ нагласи тој.
Министерот додаде дека по завршувањето на анализите, извештајот ќе биде објавен и ќе претставува основа за натамошни чекори во здравствениот систем.
