Ескобар: Вашингтон го поддржува процесот на уставни измени во РСМ
Специјалниот пратеник на САД за Западен Балкан, Габриел Ескобар, синоќа пред Комитетот за надворешни работи на Претставничкиот дом во Вашингтон го претстави извештајот за Западен Балкан „Стабилност и безбедност на Западен Балкан: проценка на американската политика“, јавува БГНЕС.
Ескобар ги информираше членовите на Конгресот дека македонската влада е посветена да ја унапреди својата потрага за членство во ЕУ со усвојување на уставни измени со кои ќе се признае бугарската заедница во земјата.
Зборувајќи за македонско-бугарските односи, специјалниот пратеник рече дека Вашингтон го поддржува процесот на уставни измени.
„Ние сме посветени и во работењето со новата влада на Бугарија, за да се осигураме дека нема да бидат поставувани нови барања откако Северна Македонија ќе ги исполни своите обврски од постоечките договори“, рече Ескобар.
Тој исто така рече дека американската политика на Западен Балкан се заснова на еден едноставен принцип: продолжување на интеграцијата на регионот во евроатлантските структури.
