Агенција на ОН: Со денови не можеме да ја испорачаме помошта што би спасила животи во Газа
Хуманитарните организации со денови не можат да ја достават помошта неопходна за да се спасат животи во северниот дел на Газа, според агенцијата за итна помош на ОН, OCHA.
OCHA вчера вечерта објави дека ОН и партнерските организации веќе четири дена не можат да достават хуманитарна помош северно од реката Вади Газа, бидејќи им е забранет пристапот, а борбите продолжуваат во областа.
Итно потребните средства за помош вклучуваат лекови за снабдување на повеќе од 100.000 луѓе за еден месец. OCHA повика на итен, безбеден, одржлив и непречен хуманитарен пристап до областите северно од Вади Газа, кои се отсечени од југ повеќе од еден месец.
Во Појасот Газа веќе трет месец беснее војната меѓу Израел и исламистичката организација Хамас. Според здравствените власти на Хамас, бројот на убиени Палестинци се искачи на 22.438, од кои огромното мнозинство се цивили.
Израелската инвазија на Појасот Газа е одговор на нападите што Хамас ги изврши во Израел на 7 октомври. Загинаа околу 1.200 луѓе, меѓу кои повеќе од 800 цивили.