| | |

АЈ ДА ЗБОРИМЕ ЗА ТАБЛАТА, ДОДЕКА „ПАТРИОТИТЕ“ И „СЕВЕРЏАНИТЕ“ СИ ГИ СПАСУВААТ ЗАДНИЦИТЕ

Нашиве политичари од двата табори, „патриотскиот“ и „северџанскиот“ треба да почнат да го канат Каракачанов секоја недела да им зборува на „бугарашите“ за македонските револуционери… секоја недела да „промовира“ по еден нов.

Златен Краси, го нема него и сега мора да се вадат теми од прсти, за да се занимава јавноста со друго, но не и со фактот дека осомничени за криминал во Собранието ќе „усвојуваат“ закон за Јавно обвинителство. За да биде сексот снимен со уште поаматерска камера и во вознемирувачки подвлечен домашен амбиент, групата на (не)зависните пратеници од редовите на ВМРО-ДПМНЕ, се изборија лавовски, „бомбите“ да не важат и да бидат уништени.

Тука ќарот е заеднички, колку и Мицкоски да глуми дека се залага за „правда“ за сите. Од „бомбите“ во моментот најпогодени се луѓе од неговата партија, од новите „бомби“, чија најава вчера ја претстави Антонијо Милошоски, ќе бидат погодени „комуњарите“, секако ако после 12 април, Мицкоски на коњот од спотот на Некст Тајм дојава на „Илинденска“.

Вчера Мицкоски најави дека ВМРО-ДПМНЕ може и да не учествува во натамошната работа на Собранието. Потег што би требало да предизвика восхит, кај „верните до гроП“. Секако тука се „(не)зависните“, за да ја завршат црната работа, исто како што и направија во јануари минатата година, кога Македонија според Устав, стана „Северна“. Тие баш заради тоа што требаше да бидат на „располагање за итни нарачки“ беа исклучени од „најпатриотската“ партија. Ете ја причава за на социјални мрежи: Мицко како честит човек беше против овој закон, што не ни треба да уредува што може и што не може да биде доказ, ама ете „предавниците“ начело со Крсто Мукоски, кој лапа тендери од Зајко, гласаа. Пиено платено, како што беше и со името… 81:0. Но тоа не е важно.

Главна ѕвезда деновиве е техничката министерка Рашела Мизрахи. Таа го засени дури и загадувањето. Нејзиниот невиден патриотизам стана повод за една убава предизборна приказна за пресипување на нејасна содржина од испустено во празно. Ви текнуе дека Шилегов нешто збореше за кучиња што јаделе човечки органи во „Дрисла“? Има некаков развој околу овој момент или…? Ма нееее не е важно сега тоа. Важна е таблата.

Таблата, таблата, таблата, љубезно „заборавена“ од симпатичната Мила Царовска ни стана главна тема. Уште па Мизрахи јуначки кажа пред новинарите дека е подготвена да ја плати казната предвидена за непочитувањето на „Северна“ како официјална одредница за името Македонија. Тука следи нов патриотски делириум од страна на „верното“ членство, а најгласни секако се тие „патриоти“ со по 50 до 200 зборови во речникот, кои ете не отидоа кај Солза и кај Бачев, и останаа на браникот на Белата палата.

Денеска пак, пред да го почнам написов „техничкиот“ Спасовски истресе дека ако Мизрахи биде разрешена, на нејзиното место би можел да дојде некој пратеник од опозицијата кој што гласал за „Северна“, оти тоа би значело дека ќе го почитува Уставот. Си мислите дека со оваа изјава Спасовски, си игра дрн-дупки со ВМРО-ДПМНЕ? Неееее, таргетот не е Белата шампита, оти сега нема потреба од тоа. Сега течат важни процеси. „Патриотите“ и „северџаните“ заеднички си ја спасуваат кожата. Тролот на Спасовски е насочен кон неопределените, тие кои според тројната коалиција СДСМ-ВМРО-ДПМНЕ и ДУИ на 12-ти не треба да „искачаат“ на гласање. Па драги мои, на 12-ти не искачајте. Ќе си тераат овие до 101 и назад, а чат- пат ќе ни доаѓа на гости и Краси, за да ни зборува за Гоце и за да се убедиме дека „татарите не јадат луѓе“.

Автор: Атанас Величков



Слични Објави