Еврокомесарката Јохансон: Без граници за Бугарија и Романија во Шенген зоната од 2025 г.
Убеденa сум дека Бугарија и Романија ќе можат да ги уживаат сите придобивки од Шенген зоната од почетокот на 2025 година. Ова го изјави еврокомесарката за внатрешни работи Илва Јохансон во Европскиот парламент /ЕП/ во Стразбур, пренесува БГНЕС.
Денеска во ЕП се одржува дебата на тема укинување на контролите за Бугарија и Романија на внатрешните копнени граници во Шенген зоната. Се очекува европратениците да го повикаат Советот на ЕУ да ја финализира одлуката најрано на 12 декември.
„Постигнавме многу, Хрватска, Бугарија и Романија пред 5 години останаа заглавени во чекалната иако беа подготвени, ние велиме дека се подготвени, парламентот исто, но Советот се уште немаше донесено одлука. Промената понекогаш може да дојде многу брзо, но не автоматски Во последните 2 години се случија клучни промени“, рече Јохансон.
БГНЕС потсетува дека Романија и Бугарија се приклучија на Шенген зоната, по воздушен и воден пат, во март 2024 година, но проверките на копнените граници останаа. На 22 ноември Австрија потпиша договор со Бугарија и Романија за нивно целосно пристапување во Шенген од 1 јануари следната година. Унгарското претседателство со Советот на ЕУ ја подготви одлуката за гласање на состанокот на министрите за внатрешни работи што ќе се одржи на 12 декември во Брисел.