АЛЕКСЕЈ НАВАЛНИ ПРИСТИГНА ВО БЕРЛИН: ЗДРАВСТВЕНАТА СОСТОЈБА МУ Е СТАБИЛНА, А ЕВЕ КАДЕ ЌЕ СЕ ЛЕЧИ

Здравствената состојба на рускиот опозиционер Алексеј Навални во текот на летот од Омск во Берлин е стабилна, изјавил Јака Базиљ, активист на фондацијата “Cinema for peace”, која ја иницирала и платила неговата евакуација.

loading...

Навални ќе се лечи во берлинската болница “Чарите”, откако со амбулантен авион бил префрлен во Германија, откако неговата сопруга и соработниците инсистирале да оди на лечење во таа земја, обвинувајќи ги руските власти дека се обидуваат тоа да го спречат.

Лекарите во сибирскиот град Омск вчера соопштиле дека Навални е во вештачка кома, дека животот му е во непосредна опасност и дека мозочните функции му се стабилни.

Кира Јармуш, портпаролка на Навални, рекла дека неговата сопруга Јулија исто така била во авионот за Германија, пренесува “Reuters”.

Амбулантниот авион со Навални требало вчера вечерта да полета за Германија, но летот е одложен на барање на германскиот синдикат на авио-превозници, за пилотите да се одморат пред долгиот лет.


loading...

Навални, долгогодишен противник на Владимир Путин и неговите соработници, борец против корупција, се онесвестил во авион за Москва во четвртокот, откако испил чај, за кој неговите соработници веруваат дека бил затруен.

Руските лекари во Омск вчера изјавиле дека состојбата на Навални малку се поправила, но дека и натаму е во нестабилна состојба за да биде транспортиран надвор од земјата. Подоцна кажале дека немаат забелешки за неговото преместување во Германија.

Јулија Навалнаја му пишала писмо на претседателот Путин и апелирала да дозволи Навални да биде префрлен во Германија.