Алиу: Во Прилеп инвестирани над 50 милиони денари во нова медицинска опрема
Министерот за здравство д-р Азир Алиу, во придружба на заменик-министерот Јовица Андовски, денеска ја посети Општата болница во Прилеп, каде што беше промовирана најновата набавка на современа медицинска опрема во вредност поголема од 50 милиони денари.
Со оваа инвестиција, како што истакна министерот, значително се подобруваат условите за работа во установата, особено во одделението за гинекологија и акушерство, каде што пристигнаат најсовремени апарати и комплетно нови гинеколошки столови.
„Со оваа набавка овозможуваме воведување на лапароскопија и хистероскопија – методи кои првпат ќе бидат достапни во Прилеп. Тоа значи дека пациентките ќе можат да добијат ваков вид третман во сопствениот град, без потреба да патуваат во други центри,“ изјави министерот Алиу.
Меѓу новитетите се и дигитален електрокаутер, апарат кој овозможува поголема прецизност и безбедност при хируршки интервенции и контрола на крварења, како и целосно обновени гинеколошки столови за породување и прегледи – први по повеќе од една и пол деценија.
Покрај технолошките подобрувања, во тек е и постапка за вработување на 124 нови здравствени работници на неопределено време, меѓу кои 21 доктор, 49 медицински сестри, 34 болничари, шест физиотерапевти и друг медицински и технички персонал.
„Секоја инвестиција во опрема и кадар е инвестиција во здравјето на граѓаните. Со оваа модернизација, Прилеп добива посовремени услови за дијагностика и лекување, што е наш континуиран приоритет,“ нагласи Алиу.
Со новата опрема и кадар, Општата болница во Прилеп станува една од подобро опремените регионални здравствени установи во земјата, што според Министерството за здравство, претставува клучен чекор кон создавање на постојан стандард во здравствената грижа на национално ниво.

