Алоо, министре Тупанчески, Тито умре одамна
Пишува: Владимир Перев
Кого го лаже и пред кого се фали нашиот министер за правда Никола Тупачески, поточно речено, со кого и со што заплашува народ…да, баш така, народ. Неговата изјава дека “ќе предложи да се формира меѓуресорска група како преодно решение која ќе дава мислење за историските личности во процесот на регистрација на здруженијата“, ги остави без здив слободномислечките луѓе во земјава. Неговиот предлог би бил “да се формира ад – хок тело, меѓуресорско, експертско, кое ќе дава мислење за карактерот на историските личности,односно на начинот на кој што ќе се формираат или ќе дадат мислење за давање на согласност…Со ова ќе се намали можноста за злоупотреба на одредени личности кои имаат негативен контекст низ различни историски епохи.“
Ова, со леснотија изречено безсмислие, отвора можности за нови, а сепак стари и непотребни размисли. Кое е експертското тело кое ќе дава мислење за “подобноста“ на некоја личност која би насловила некаква невладина организација. Врз основа на кои критериуми ќе се решава дали може да биде тоа име употребено. Дали е во прашање само односот кон Бугарија и заедничкиот дел од нашата историја, каде што дел од мислењата се евидентно различни. Тоа прашање сеуште не е разрешено на ниво кое може да биде репер за насловување на некава организација. Дали може да се (зло)употребува и југословенското наследство во македонските пространства. На пример, дали може да се регистрира здружение со името на Фрањо Туѓман кај нас, во РСМ. Пробајте, па ќе видите, или со името на Савка Дапчевиќ-Кучар, или пак со онаа Милка Планинц, која наводно го стабилизира динарот, ама измрзнавме и се разболевме сите. Конечно, нека се запраша дали може да има гимназија со имато на Јосип Броз Тито, обвинуван за злосторства во Втората светска војна. Не е ли предизвик да го имаш името на Георги Димитров на македонска гимназија, а во неговата родна земја истиот прогласен за злосторник и пијаница. Пендаровски, Ковачевски и брзиот по решенија Тупанчески, треба да размислат дали не станува збор за провокација кон еден наш сосед.
Формирањето на ваквите комисии се смета за недемократски, субверзивен чин и неовластено посегнување врз демократијата. Американците еднаш се изгореа со “пододборот за следење на антиамериканската дејност“, па повеќе такво нешто никому не му падна на памет…затоа се тие таму, каде сѐ, а ние овде, за никаде!
Денес секој граѓанин го знае она, што министерот свесно го одбегнува…нема вина без судска пресуда! Нека министерот објасни, каде и кој орган или институција дале мислење дека тие “личности се негативни во определен историски контекст.“ Каде има официјално мислење дека Цар Борис III бил фашист или пак бугарската држава била фашистичка. Нека покаже министерот таков документ. Посебно се смешни заканите за забрана на името на Цар Фердинанд Први, кој владеел до 1918 година и е само пандан на “нашите“ кралеви Петар и Александар Караѓорѓевиќи. Затоа, мислењата на поединци “експерти и специјалисти“, служат само за ментална мастурбација на широките народни маси, за нивно натамошно заглупување. Тоа е најдобриот начин, министрите да ја одбегнат одговорноста за својата стерилна работа, а Тупанчевски со широка рака им го става својот апарат на услуга. Нека покаже еден единствeн акт каде што Ванчо Михајлов бил баран за екстрадиција во рамките на меѓународното право, нека каже дали воопшто бил суден по 1944 година. Живеел како слободен граѓанин во Рим, невознемируван од никого. Дури и семоќните УДБ-а и НКВД (ГРУ) му се тргале од патот. Единствените негови смртни пресуди се од онаа “царска Бугарија“ на Борис, па ако таа Бугарија и тој Борис III биле фашисти, тогаш Ванчо бил суден дека е демократ, да не речам по тежок збор. Дали тоа “меѓуресорско, експертско“ тело мисли дека имињата на, да речеме Павел Шатев или Панко Брашнаров се “подобни“ за да ги носат организации кои ќе се занимаваат со некакви меѓународни односи.
Конечно, да го информирам министерот. Најкриминалната најкоруптивната и ако сакате најнечовечката организција во Македонија по 1990 година, е онаа која треба да го гради и до сега да го изгради “Коридор бр. 8“. Огромни суми пари се испотрошени за некакви проекти, кои веднаш се отфрлени, за потоа некои нови и нови криминални структури, одново и сѐ одново да злоупотребуваат наши и европски средства, притоа свесно да не даваат резултати. Тоа е факт, видлив на секој чекор по патот од Скопје до Софија. Ама факт е и тоа дека постојат пријателски радио и интернет емисии “Коридор бр.8“, со истото име постои и невладина организација, постојат и групи луѓе од Македонија и Бугарија кои се среќаваат и дискутираат за таа несреќна тема, но и за нашето место во Европа. Ќе го забрани ли сето тоа министерот, само заради тоа што неговите претходници во владата се однесувале разбојнички кон проектот?
Умре Тито, Сталин е веќе одамна мртов, а истата судбина ги снајде и оние од пододборот за следење на антиамериканска дејност. Помина времето на подобности за некое име или некоја функција. Во секоја држава, па и кај нас, министерот за правда треба да биде знаменосецот на законитоста. Ако не е така, неговиот крај е предречен, а неговото име ќе влезе во меморијата на масите со контекст, од кој и тој самиот ќе се срами.