| |

Деконспирација на историските фрустрации на Македонците

Историските фрустрации напластени во психолошката перцепција кај Македонците, како современа нација, со сопствена национална држава, освен што ги држи непотребно во „ кафезот на историјата“, создава и проблеми во креирањето на просперитетно-развојниот пат на нацијата. Македонецот мора да се ослободи од себе, од фантагозмиричната приказна за самиот себе и за својот народ  дека постојано, низисториски, но и денеска е секогаш под „ заговор на големите сили“. Точно, историските околности, и тектонските поместувања на историјата на Балканот, воопшто не биле наклонети кон историската судбина на македонскиот народ и неговото право на самоопределување, но тоа не се однесува исклучиво само и само кон него. Имено многу помали народи и нации, на сите страни на земјината топка биле „ онепревдани“, територијално делени , па дури и асимилирани ( претопувани), и физички гонети од своите родни огништа, бидејќи во светот на меѓународните односи од  „ памтивека“ ( Тукидид), до денеска важи суровото реално правило „ Големите го прават  тоа што сакаат, а малите тоа што мораат“.

Историско огледало на „неправдата“

Историските настани и околности, трудно изнедриле македонска држава, во втората половина на 20 –тиот век, прво како рамноправна конститутивна федерална единица на заедничката Сојузна република Југославија, и кон крајот на истиот век, во 1991 истата македонска држава, да го добие полн политички меѓународен легитимитет и кредибилитет како суверена , самостојна и независна држава, полноправна членка на Организацијата на Обединетети Нации (ООН). Токму тој трновит историски пат, создал и чувства на комплекс на ниска национална вредност; дека ние сме мали, онеправдани, делени, жртви на заговор и слични колективно- психолошки фрустрации кои и тоа како влијаат на нашиот колективен дух и го спречуваат да се развива слободоумно, во редот со напредните нации и  цивилизации. Нам како на Македонци ни е потребнаисториска  национална катарза ( ослободување од историскиот гнев/презир). Вистина е, апсурдноста на наметнатиот ирационален спор околу нашето уставно име од страна на Грција, освен што ги блокира нашите европски и евроатлански аспирации за членство во ЕУ/НАТО алијансите, тој дополнително ги засилува, разгорува и поттикнува токму овие наши историски фрустрации, поточно ги оправдува. Националистите, би рекле дека токму овој  наметнат спор е еклатантен пример за политиката на нашето постојано колентивно и национално негирање, стремеж за наше национално поништување. Можеби да, апсурдноста на спорот дава аргументи дека меѓународното право е на наша страна и дека нема компаративен пример ниту денес, ниту во историјата, една држава на друга да и го оспорува загарантираното право за себеименување, но тоа пак апсолутно не ни остава простор, ние потонати длабоко во историско-фрустрациската кал на овој спор, да го занемариме нашиот развој како просперитетно општество. Спорот за името, на Македонецот му дојде како лакмус хартија/ оправдание за сите негови историски промашувања и потфрлувања. Спорот за името, или историските неправди, воопшто не се аргумент за крајно осиромашената држава, сеприсутната корупција, организираниот криминал, големата невработеност, нискиот животен стандарт, огромното загадување на животната средина, смртноста на новороденчињата и ред  други состојби кои се реални, а зависат исклучиво од нас како граѓани и како политичка организирана заедница-општество и држава.

Соочување со самите себе

Кога Македонците со полни гради ќе ја вдишат слободата, да бидат  одговорни граѓани пред себе и пред институциите на системот ( да не се восхитуваат на тие што корумпираат и крадат/ да научат да живеат под организирани прописи и правила, почитувајќи ги законите), тогаш ќе се ослободат од историското емоционално „ ропство“. Бројни европски држави и нации,денеска се полни со историски фрустрации и со учебникарски наратив за нивна национална онеправданост, но тоа не било аргумент/ оправдание тие во 21-век да не прогресираат културолошки, социјално-економски, инфраструктурно, технички-технолошки, образовно, итн.  Есхатохолошката борба на Македонецот „ со самиот себе“,  и самата победа во таа борба, е супстанцијална гаранција за префрлување на Македонецот на „ победничката страна на историјата“. Се дотогаш, ќе живее во сопствените креирани историски пранги во темнината и небиднината.

Автор: Благојче Атанасоски, историчар, м-р по политички науки

 

Слични Објави