| |

Американскиот професор Даниел Сервер: Србија нема да влезе во ЕУ без да го признае Косово

Србија не може да стане членка на Европската Унија без целосно да ги нормализира односите со Косово, изјави американскиот професор Даниел Сервер во разговор со публицистот Ветон Сурои во подкастот „PIKË“, пренесува БГНЕС. Според Сервер, тоа значи дека Србија треба да ја признае независноста на Косово и дека двете држави треба да разменат амбасадори.

Сервер нагласи дека на земјите членки на ЕУ им е јасен условот за нормализирање на односите со Косово.

„На секој во Белград што има мозок му е сосема јасно дека Србија нема да влезе во Европската Унија додека целосно не ги нормализира односите со Косово, што, според мене, значи да го признае и да размени амбасадори со него“, изјави Сервер.

Сурои посочи дека само Вашингтон го има утврдено овој став како официјална политика. Тој потсети и дека пет земји членки на ЕУ не ја признаваат независноста на Косово.

Сервер, пак, посочи дека најмалку пет други земји членки на ЕУ не би се согласиле Србија да стане членка на Унијата без да ги нормализира односите со Косово. Според Сурои, нивниот број може да биде и поголем.

Американскиот професор рече дека нема потреба постојано да се повторуваат условите што треба да ги исполни Србија, бидејќи, според него, тие одамна се јасни.

Тој изрази многу поголема загриженост поради тоа што Косово не напредува кон членство во Советот на Европа и кон добивање статус на земја кандидат за членство во ЕУ.

Според Сервер, Косово го очекува потежок период од оној низ кој поминало, делумно и поради ставовите на САД.

„Нема потреба да ги набројувам условите и да викам за нив, бидејќи сметам дека тие одамна се многу, многу јасни. Многу повеќе ме загрижува она што го кажуваш за Косово и тоа што нема напредок кон членство во Советот на Европа и кон добивање кандидатски статус. Што се однесува до тоа, мислам, знам дека ве очекува многу потешка иднина во споредба со минатото. А таа е потешка делумно и поради Американците“, изјави Сервер.

Слични Објави