|

Сидникатите најавија масовен протест на 1 Мај за зголемување на платите за работниците

Сојузот на синдикатите на Македонија повика на масовен синдикален протест, што ќе се одржи на 1 Мај во 12.30 часот.

Од тука истакнаа дека целта на протестот е да се изрази револтот кај работниците од незголемување на другите плати со порастот на минималната плата.

Главното барање е најмалку 2.806 денари нето-износ линеарно зголемување на сите плати во приватниот и во јавниот сектор од 1 мај 2022 година, вклучително од општиот работник до претседателот на државата.

Од Сојузот ја истакнаа потребата од похрабри, поинтензивни и побрзи реакции за надминување на проблемите за зголемување на платите за 2.806 денари во нето-износ на сите вработени во приватниот и јавниот сектор, како и за креирање нови визии и перспективи.

„Ја повикуваме Владата на поголема продуктивност и решителност во дејствувањето за зголемување на платите на работниците. Ги повикуваме сите работници, братските синдикати (конфедерации, унии и сојузи), кои ги препознаваат нашите вредности и заложби за зголемување на платите, да се приклучат во борбата заедно со семејството на ССМ и заедно како семејство на рамноправни членови, синдикати, работници и граѓани, кои не сакаат само да критикуваат, туку сакаат дирекно да се вклучат и на 1 Мај 2022 година да излезат на голем синдикален протест, на кој ќе кажеме гласно дека зголемувањето на платите на работниците мора да се направи веднаш“, велат од Сојузот.

Протестот ќе почне пред зградата на Сојузот на синдикатите на Македонија во Скопје, а учесниците ќе се движат од зградата кон Собранието, а потоа ќе продолжи кон седиштето на Организацијата на работодавците на Македонија и Стопанската комора на Македонија и ќе заврши пред Владата, каде што ќе бидат упатени барањата на работниците.

Извор: Темите



Слични Објави