|

„Амнести интернешнл“: Бројот на егзекуции во светот е најголем од 2017 година, во некои земји владее смртоносно лудило“

Скоро 900 луѓе во 20 земји биле егзекутирани во 2022 година, најмногу од 2017 година, предупреди Амнести интернешнал (АИ) во својот годишен извештај за смртната казна, осудувајќи го „смртоносното лудило“ во некои земји.

„Бројот на егзекуции во 2022 година достигна највисоко ниво во последните пет години, а за тоа во најголем дел придонесоа земјите од Блискиот Исток и Северна Африка, каде владееше смртоносно лудило“, посочува АИ. Според податоците на таа организација за човекови права, во 2022 година смртна казна е извршена на 883 лица во дваесет земји, што е зголемување за 53 отсто во однос на претходната година.

„Брзиот пораст на бројот на егзекуции, кој веројатно не ги вклучува илјадниците егзекутирани во Кина минатата година, главно може да се припише на земјите од Блискиот Исток и Северна Африка, каде во 2021 година беа егзекутирани 520 луѓе, а дури 825 лица во 2022 година“, се вели во извештајот на АИ.

Во Саудиска Арабија „81 затвореник беа егзекутирани за само еден ден“, рече Агнес Каламар, генерален секретар на Амнести. Покрај тоа, таа го обвини Иран дека „во очајнички обид да се потисне народното востание, им ги одзеде животите на луѓето кои само го користеа своето право на протести“.

Во исто време, АИ истакнува дека вкупниот број на егзекутирани луѓе во 2022 година е всушност „значително поголем“ поради „тајноста што го опкружува извршувањето на смртната казна во земји како Кина, Северна Кореја и Виетнам“.

„Иако не го знаеме точниот број на егзекуции во Кина, таа земја несомнено е лидер по бројот на егзекуции“, додава Амнести. Сепак, од извештајот произлегува „нота на оптимизам“, бидејќи шест земји целосно или делумно ја укинаа смртната казна во 2022 година.

Казахстан, Папуа Нова Гвинеја, Сиера Леоне и Централноафриканската Република ја укинаа смртната казна за сите кривични дела, додека Екваторијална Гвинеја и Замбија ја укинаа смртната казна само за граѓански прекршоци.



Слични Објави