АНЃУШЕВ: ПОСТАПКАТА НА АНТИКОРУПЦИСКАТА ЌЕ ДОКАЖЕ ДЕКА ВО СЛУЧАЈОТ СО „ТОПОЛКИ“ СÈ Е ЗАКОНСКИ
МАКЕДОНИЈААнѓушев: Постапката на антикорупциската ќе докаже дека во случајот со „Тополки“ сè е законскиОбјавено пред 19 минути – 9 мај, 2019Од Макфакс
Вицепремиерот задолжен за економски прашања, Кочо Анѓушев, вели дека со отворената постапка антикорупциската комисија само ќе се докаже дека во случајот со „Тополки“ сè е законски и без судир на интерес.
„Ја поздравувам одлуката на антикорупциската за отворање постапка за случајот со ‘Тополки’. Во секој момент сум ѝ на располагање на комисијата за дополнителни прашања. Оваа постапка само ќе докаже дека во случајот со ‘Тополки’ сè е законски и без судир на интерес, договорот за концесија е добиен и потпишан во мај 2015 година и добивањето на земјиштето е во иста постапка како и за сите електрани и тоа е добиено како резултат од добиената концесија во согласност со постапка која е иста за сите концесионери и сите над 80 електрани што се изградени во државата во последните 10 години“, вели Анѓушев.
Сите постапки, додаде тој, се почнати во 2015 година, во време кога не сум бил член на Владата ниту, пак, сум знаел дека некогаш ќе бидам, со што практично не сум можел никако да влијаам.
„Работата на антикорупциската комисија само ја покажува исправноста во нејзиното реформирање, насочена кон бранење на јавниот интерес“, вели Анѓушев.
Извор: Макфакс

