Ансамблите „Танец“ и „Пирин“ одржаа прекрасен хуманитарен концерт за децата со Даунов синдром
Синоќа во Македонската опера и балет со почеток во 20 часот се одржа хуманитарен концерт на ансамблите „Танец“ од Република Македонија и „Пирин“ од Благоевград, Република Бугарија, за лицата со Даунов синдром. Хуманитарниот концерт беше организиран од Амбасадата на Р. Бугарија и Министерство за култура на Република Македонија. Средствата собрани од продажба на картите ќе бидат наменети за доопремување на Центар за рехабилитација на лица со Даунов синдром, во изведба на Министерството за труд и социјална политика и здружението „Трисомија 21“ – Скопје.
Концертот помина во прекрасна атмосфера, под звуците на маестралните изведби на уметниците од двата ансамбли. Прекрасен момент беше заедничката изведба на песната „Македонско девојче“ каде учество зедоа и дечињата со Даунов синдром со која заврши и самиот концерт. Публиката со бурен аплауз и на нозе ги испрати музичарите и играорците на ансамблите „Танец“ и „Пирин“ и прекрасните дечиња.
Учеството на ансамбалот „Пирин“ од Благоевград, Р. Бугарија во синоќешниот хуманитарен концерт е воедно и прво гостување на овој ансамбал во Република Македонија од нејзиното осамостојување.
Меѓу присутните гости беше и потпретседателот на Граѓанско демократската унија-ГДУ д-р Енсер Јусуфоски како и други претставници на партијата од градскиот клуб во Скопје.

