„АРС ЛАМИНА“ ДОНИРА КНИГИ ЗА БИБЛИОТЕКАТА ВО „СОС ДЕТСКО СЕЛО МАКЕДОНИЈА“

Издавачката куќа „Арс Ламина“ донира книги за библиотеката во „СОС Детско село Македонија“. Донацијата содржи изданија од „Либи“, дел од „Арс Ламина-публикации“: сликовници од серијалите „Пчеличката Маја“ и „Бајки од Македонија“, боенки, романи од едициите „Детски класици“ и „Шекспир за деца“, читанки и лектирни изданија од „Лесно читливи лектири“ за ученици од второ до деветто одделение од основните училишта како и списанијата за ученици „Мини Либи“ и „Либи“.

Донацијата е со цел да се збогати книжевниот фонд во „СОС Детско село Македонија“ и да се помогне во грижата за децата и семејствата во социјален ризик, згрижени во центарот.

Организацијата „СОС Детско село“ поддржува згрижувачки семејства каде што деца без родители и родителска грижа добиваат топол дом, љубов и стекнуваат чувство на припадност и сигурност.

Ова не е прва донација на „Арс Ламина“ во „СОС Детско село Македонија“. Имено, минатата година жените вработени во издавачката куќа го одбележаа Меѓународниот ден на жената (8 Март) со хуманитарна акција во која донираа сликовници и неопходна бебешка, детска облека и обувки.