Арсовска го прозва Ѓорѓиевски за загадувањето и дивите депонии
Градоначалничката на Град Скопје, Данела Арсовска, преку својот фејсбук профил упати низа пораки до кандидатот за градоначалник на ВМРО-ДПМНЕ Орце Ѓорѓиевски, посочувајќи дека додека вложува во скапи ПР кампањи за самопромоција, пропушта да се занимава со клучни прашања кои ја засегаат животната средина и здравјето на граѓаните.
Арсовска потсети дека фабриката УСЈЕ е идентификувана како голем загадувач со ПМ честички и азотни оксиди над дозволеното и дека јавноста очекува одговори зошто продолжува со континуирано согорување.
Во врска со Вардариште, таа истакна дека Град Скопје пред две години го исчистил својот дел по првпат по шест децении, но останатите 60.000 квадратни метри се под надлежност на Општина Гази Баба. Според Арсовска, општината и Министерството за животна средина имаат обврска да делуваат против создавањето диви депонии, додека МВР има надлежност да ги санкционира сторителите.
Градоначалничката дополнително појасни дека фабриката во Трубарево е надвор од Генералниот урбанистички план и дека за нејзиното работење Град Скопје нема ингеренции. „За тоа обрати се кај градоначалникот на Гази Баба,“ напиша таа.
Арсовска потсети и дека депонијата Дрисла не врши согорување од 2022 година. За случаите на намерно потпалување, според неа, надлежно е Министерството за внатрешни работи.
Со ироничен тон, Арсовска го повика Ѓорѓиевски наместо да се фотографира во кампањски настапи среде пожари, да ја искористи енергијата за реално решавање на проблемите.

